• среда, 25 декември 2024

Донесена одлука за склучување договори за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба со индивидуални земјоделци

Донесена одлука за склучување договори за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба со индивидуални земјоделци

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - Владата на денешната 14. седница разгледа и усвои повеќе информации од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), околу согласности за склучување договори за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба со индивидуални земјоделци и донесе одлуки за давање на согласностите.

Со денешните одлуки, како што информираат од владината прес-служба, МЗШВ ќе склучи договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со закупците, претежно од светиниколскиот регион на кои престанаа да им важат претходните договори за закуп заради истек на времетраење на нивните договори, а законот им дава можност за нивно продолжување. 

-Продолжувањето на посочените договори доаѓа во пресрет на периодот за поднесување на барањата за финансиска поддршка од мерките за директни плаќања, и со склучувањето на новите договори земјоделците ќе го имаат регулирано корисничко право на земјоделското земјиште во државна сопственост, велат од Владата.

Како што е посочено од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно член 39 став 1 од Законот за земјоделското земјиште, по истекот на времетраење на склучениот договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, по барање на закупецот, доколку закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот за закуп, министерот може, по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство и по претходна согласност од Владата, со непосредна спогодба, да склучи нов договор за закуп со закупецот, најмногу за период од петнаесет години. 

-Но, во случај кога истекува времетраењето на договорот за закуп, а на земјоделското земјиште има подигнато долгогодишен насад во сопственост на закупецот и закупецот во целост ги исполнил обврските од договорот, по барање на закупецот, министерот може со непосредна спогодба да склучи нов договор за закуп, по претходно позитивно мислење од Државното правобранителство и по претходна согласност од Владата, за период најмногу до амортизацијата на долгогодишниот насад, прецизираат од Владата. вј/нд/

Фото: Влада

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан