• вторник, 24 декември 2024

Додик: Обвинението е политичко насилство, ќе поднесам тужба против обвинителот

Додик: Обвинението е политичко насилство, ќе поднесам тужба против обвинителот

Бања Лука, 12 август 2023 (МИА) - Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, денеска изјави дека е срамно поднесувањето обвинение против него и в.д. директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, и додаде дека ќе покрене тужба против обвинителот кој ја покренал за злоупотреба на службената положба. 

Додик, на прес-конференцијата во Бања Лука, кажа дека обвинението нема никаква врска со законот и дека претставува политичко насилство, зад кое стои американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, кој, како што рече, шири србофобија. 

Тој истакна дека не постои закон според кој Обвинителството на Босна и Херцеговина ги обвинува него и Лукиќ дека не ги спроведувале одлуките на Кристијан Шмит, пренесува Срна.

-Обвинението се пишуваше со денови со помош на американскиот амбасадор Мајкл Марфи, рече Додик. 

Тој посочи дека обвинението нема правна основа, дека законот против кој е обвинет не постои и дека високиот претставник во БиХ не постои. 

-Ова обвинение не се темели на правен основ, тоа е политички прогон, рече Додик. 

Тој посочи дека како претседател на Република Српска не се сомнева во тоа што треба да прави, наведувајќи дека со потпишувањето на законите усвоени од Народното собрание на ентитетот си ја врши работата и дека тоа ќе продолжи да го прави и во иднината. 

Додик повтори дека Обвинителството на Босна и Херцеговина нема уставна основа и дека Република Српска долго време инсистира на тоа, но дека и покрај тоа ќе одговори на секоја покана што ќе ја добие. 

Додик изрази очекување дека Судот на Босна и Херцеговина ќе има повеќе слух од Обвинителството на Босна и Херцеговина, кое беше принудено да поднесе обвинение. 

-Обвинителството подлегна на притисокот и се согласи да го направи она што беше побарано од него, рече Додик. 

Претседателот на Република Српска најави дека ќе покрене тужба против обвинителот кој го поднесе обвинителниот акт за злоупотреба на службената положба. 

Во петокот Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинителен акт против претседателот на Република Српска Милорад Додик и в.д. Директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, поради неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, кого РС не го признава.  сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан