• вторник, 24 декември 2024

Додик за „Заедницата на српски општини“ во Косово: Еден ден тоа ќе биде Република Српска

Додик за „Заедницата на српски општини“ во Косово: Еден ден тоа ќе биде Република Српска

Бања Лука, 24 јануари 2023 (МИА) - Претседателот на ентитетот Република Српска Милорад Додик, оцени дека претседателот на Србија Александар Вучиќ, успеал прашањето за Косово од губитничка позиција да го врати на дневен ред и во фокусот на интересот и нагласи дека Србите мора да бидат обединети за преговорите.

- Она што мора да се има на ум е дека треба да се согледаат последиците што можевме да ги слушнеме за Косово, а тоа е дека европскиот пат ќе биде прекинат, дека инвестициите ќе бидат стопирани, повторно ќе се воведат визи. Тоа се сериозни последици, истакна Додик. Според него, последиците би можеле да ја променат економската, социјалната и геополитичката положба на Србите.

Тој, исто така, изјави дека заканите од Западот се зголемени, а позицијата на Германија е зајакната. - Германија, која е антисрпска на тој простор од Балканот. Секогаш била антисрпска, не беше рационална, реална и секогаш беше против Србите. Така е и во овој случај за Косово, оцени Додик.

Кога станува збор за „Заедницата на српските општини“, Додик забележува дека „добро е што зборуваат за Република Српска“, но, како што рече, Албанците честопати велат дека не сакаат Република Српска на територијата на Косово.

- Многу е добро што велат така, бидејќи тоа еден ден ќе биде Република Српска. Го мислам тоа во суштинско значење. Ете, ќе се вика Заедница на српски општини, ќе има извршни функции на власт како што има РС, специјални односи со Србија како што има РС.Тоа ним им е проблем и тоа е целата приказна, заклучува Додик.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека на средбата со меѓународната петорка му било кажано дека Србија мора да го прифати нивниот предлог за нормализација на односите со Косово, бидејќи во спротивно ќе се соочи со прекин на евроинтегративниот процес, запирање и повлекување на инвестициите и сите сеопфатни мерки кои ќе и нанесат голема штета на државата. ссм/

Остани поврзан