• среда, 25 декември 2024

Доделена првична помош за семејството од Луке чиј дом изгоре до темел

Доделена првична помош за семејството од Луке чиј дом изгоре до темел
Крива Паланка, 31 мај 2020 (МИА) - Општина Крива Паланка, Општинската организација на Црвен крст и повеќе хумани граѓани и правни лица му доделија првична помош на семејството од село Луке кое остана без покрив над главата откако синоќа во голем пожар до темел изгоре нивниот дом.
Старата куќа во која живееше семејството Аврамовски, едвај преживувајќи од социјална помош, изгоре до непрепознатливост.
Тим од општината, предводен од градоначалникот Борјанчо Мицевски, претседалката на Советот на општина Крива Паланка, Изабела Павловска, од ОО Црвен крст и хумани граѓани ги посетија луѓето кои бараат каква било помош бидејќи буквално се што имаа, замина во неповрат проголтано од пламените јазици.
- Несреќата што ги снајде овие наши сограѓани е голема, а како општина првично превземавме иницијатива со Советот и Црвениот крст да набавиме намирници, потребни неопходни средства за ублажување на состојбата. Денес ги посетивме, доставени им се пакети храна, облека, обувки, хигиенски средства, а во координација со директорот на основното општинско училиште „Јоаким Крчовски", Дане Петровски, кој исто така беше на терен со нас, привремено ги сместивме во подрачното училиште во селото Луке. Пакети доставија и повеќе хумани граѓани и компании, „Воденица 3" и „Селект кафе", а во текот на утрешниот ден вработени во Јавното претпријатие „Комуналец" со градежна механизација ќе ја расчистуваат опожарената локација, информира градоначалникот Мицевски.
Во пожар кој избувна синоќа и гореше до раните утрински часови денес, до темел изгоре семејната куќа на Р.А. од селото Луке, Кривопаланечко. Станува збор за четиричлено семејство со две малолетни деца од 10 и 14 години.
Надлежните упатија апел за помош во материјали за градба и волонтерска градежна работа за да се изгради повторно домот на ова семејство. ид/дма/

Остани поврзан