• среда, 25 декември 2024

Договорена потесна координација на активностите меѓу јавните обвинителства и финансиската полиција

Договорена потесна координација на активностите меѓу јавните обвинителства и финансиската полиција

Скопје, 21 јули 2023 (МИА) - Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески денеска остварил средба со директорот на Управата за финансиска полиција Горан Иванов, со кого разговарал за потесна соработка и координација на дејствијата меѓу обвинителството и финансиската полиција во насока на обезбедување ефикасен кривичен прогон.

На средбата, соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, присуствувале и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски и заменикот на основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Трајче Пеливанов.

- Притоа, беше истакната важноста во следниот период да се вложат уште поголеми напори и да се покаже поголема ефективност во откривањето на незаконски стекнат имот и имотна корист од кривични дела, што ќе се ефектуира со заплена и конфискација во судска постапка, се појаснува во соопштението.

Иванов ги потенцирал и предизвиците со кои се соочува институцијата, пред се во однос на недоволните кадровски капацитети, но и потребата од усвојување на предлогот за измени и дополнувања на Законот за финансиска полиција кој е во собраниска процедура. цр/нд/

Фото: Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

Остани поврзан