• сабота, 23 ноември 2024

Добрососедски односи, безбедност, стабилност и интеграција во ЕУ - главните цели на македонското претседавање со ПСЈИЕ

Добрососедски односи, безбедност, стабилност и интеграција во ЕУ - главните цели на македонското претседавање со ПСЈИЕ

Скопје, 27 јуни 2023 (МИА) – Добрососедски односи, безбедност, стабилност и интеграција на нашите земји во европското семејство на слободни и демократски народи ќе бидат главните цели на кои биде посветено идното претседавање на Северна Македонија со процесот Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што почнува на 1 јули. Тоа денеска го истакна претседателот Стево Пендаровски во Подгорица каде учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на ПСЈИЕ.

- Со оглед на војната во Украина што е огромен предизвик за европскиот континент и пошироко, но и постојните предизвици кои произлегуваат од нерешените прашања во нашиот регион, како идни претседавачи ќе се фокусираме на принципите наведени во основачките документи на оваа Иницијатива, кои во голема мерка се релевантни и денес, рече Пендаровски.

Тој на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, посочи на слоганот на македонското претседавање со ПСЈИЕ „Премостување на поделбите, градење доверба“, истакнувајќи дека во таа смисла Република Северна Македонија е прилично квалификувана, доколку се имаат предвид сите договори и компромиси направени во земјата, но и со соседите со цел напредок во Европа.

- За време на нашиот мандат ќе вложиме максимални напори преку дијалог и меѓусебно разбирање и почит да ги искористиме сите можности и дојдеме до поголема регионална стабилност и просперитет. Владеење на правото, промоција на човековите слободи и права, а особено борбата против корупцијата ќе бидат меѓу приоритетите на нашата агенда, а исто така и енергетската безбедност на Југоисточна Европа, трансевропските коридори и културната размена меѓу народите, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека клучен предуслов за напредок и демократија во регионот е негова интеграција во ЕУ, и во тој контекст ја поздави неодамнешната изјава на претседателката на Европската комисија, за новиот план за развој на Западниот Балкан каде главната заложба е идните членки на Унијата да почувствуваат дел од придобивките на членство и пред формално да станат членки. аб/

Фото: ФБ

Остани поврзан