• недела, 07 декември 2025

Доброволното противпожарно друштво од Кочани набави уште едно интервентно возило

Доброволното противпожарно друштво од Кочани набави уште едно интервентно возило

Кочани, 23 април 2023 (МИА) – Во кругот на Доброволното противпожарно друштво од Кочани денеска пристигна уште едно едно возило цистерна, што ќе служи како поддршка за снабдување со вода на интервентното возило за гаснење пожари.

Возилото е набавено од Словенија, од Волонтерското противпожарно друштво од Рогашка Слатина, со буџетски средства од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, чија територија е под надлежност на кочанските пожарникари.

-Возилото е со капацитет од пет илјади литри вода и ќе го користиме како помошно, за дотур на другото возило. Освен тоа, располага и со топ за распрскување вода со што ќе може да се користи при интервенции за гаснење пожари, а има и опрема за миење јавни површини. Посебно сме задоволни што во набавката учествуваа и трите соседни општини, затоа што уште на почетокот од договарањето нашата иницијатива беше позитивно прифатена и тие останаа доследни на ветувањето дека ќе помогнат. Наскоро ќе ни пристигне и едно патничко возило, наменето за технички интервенции, кое ќе може да превезува девет пожарникари, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Кочани.

Доопремувањето на Доброволното противпожарно друштво доби минатата недела го помогна и Ротари клубот од Ново Место, Словенија кој донираше уреди и алати за интервенции, како и униформи и опрема за лична заштита.

Пожарникарите волонтери од Кочани организираат и донаторска акција за собирање парични средства за уште едно теренско пикап возило за превоз на помошна противпожарна и друга опрема. Упатија апел до граѓаните и до стопанските субјекти да се вклучат со свои донации и до крајот на годината да се реализира и оваа набавка. та/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан