• сабота, 16 ноември 2024

Добиваме битка со животот, рекоа неготинци кои прелиминарно добија социјален стан на денот на ослободувањето

Добиваме битка со животот, рекоа неготинци кои прелиминарно добија социјален стан на денот на ослободувањето

Неготино, 8 ноември 2023 (МИА) - Добиваме битка со животот, рекоа неготинци кои прелиминарно добија социјален стан на денот на ослободувањето. Од пријавените семејства, 51 семејство се најдоа на прелиминарната листа. 

На прелиминарното доделување на станови од новоизградената социјална зграда присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.  

- Продолжуваме со нашата силна поддршка за најранливите категории граѓани во државата. Досега преку проектот за изградба и одржување на социјални станови изградивме или во фаза на изградба се над 860 социјални станови низ целата земја. Тоа е само уште еден доказ за нашата посветеност во обезбедување подобри услови, за живеење на оние на кои им е најпотребно, рече министерот. 

Тој изрази задоволство од јавната прелиминарна распределба, со што, како што нагласи, се обезбедува топол дом за социјално ранливи семејства од оваа општина.

- А особено сум задоволен кога гледам дека политиките кои ги водиме носат резултати. Ова е пример за нашата вистинска грижа. На јавниот оглас што го објавивме преку Министерството за транспорт и врски, право на пријавување имаа неколку категории на граѓани, појасни Бочварски. 

Деца без родители или родителска грижа, со навршени 18 години кои до исполнување на полнолетство биле згрижени во институции за деца без родители, корисници на право на загарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, социјално загрозени лица припадници на Ромска заедница и самохрани родители со малолетни деца. 

Министерот Бочварски потенцираше дека денешната распределба е само прелиминарна и не е конечна. Во текот на наредните денови, Комисијата составена од вработени од Министерството за транспорт и врски и од Министерството за труд и социјална политика ќе изврши увид кај семесјтвата кои се наоѓаат на оваа прелиминарна листа. По завршувањето на теренскиот увид од страна на Комисијата, ќе биде утврдена и конечната листа со добитници на социјални станови. Тој очекува тоа да се случи во најбрз можен рок.

- Како Влада остануваме целосно посветени во обезбедување на похумани услови за живот на најранливите категории граѓани. Грижата за социјалните семејства е наш врвен приоритет. Привршуваме со изградбата на социјалната зграда во Велес, а континуирано течат изградбите и на зградите во скопската општина Бутел, во Дебар и Кочани, подвлече Бочварски. 

Тој додаде дека се продолжува со силна динамика на изградба на овие капитални објекти, што се од елементарно значење за социјално ранливите семејства. свд/дма/


Фото:МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан