• среда, 25 декември 2024

ДКСК со јавен повик до средношколците за креативни решенија на тема заштита на укажувачите

ДКСК со јавен повик до средношколците за креативни решенија на тема заштита на укажувачите
Скопје, 10 ноември 2021 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) распиша јавен повик за изработка на цртежи, на кој може да учествуваат сите средношколци, особено оние од средните уметнички училишта. Повикот е дел од кампањата за заштита на укажувачите на ДКСК во рамки на ИПА II Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија. Целта на овој повик е да се поттикнат младите да ги искажат своите погледи на оваа тема, преку изработка на визуелни пораки, графики и кратки стрип приказни. Преку јавниот повик ДКСК има цел на креативен начин да придонесе за разбирање, прифаќање и поддршка на заштитеното укажување, а воедно и да придонесе за поголемо почитување на чесноста и искреноста, како највисоки продобивки во нашето општество. На тој начин, се наведува во денешното соопштение од ДКСК, и младата популација ќе се вклучи во процесот на информирање и едукација на јавноста за укажувачите, како модел во општеството, како и за важноста на нивната заштита. Заштитата на укажувачите во општеството е основа за поголем интегритет на институциите и јакнење на основните демократски вредности. Укажувачите се симбол на одбраната на јавниот, наспроти личниот интерес и имаат многу важна улога во борбата против корупцијата и судирот на интересите. За да се создадат услови за нивна поголема заштита, неопходна е поголема едукација и информираност на целокупната јавност за заштитеното пријавување на корупција и судир на интереси. - Укажувачите се многу значаен сегмент во демократските општества, бидејќи се работи за луѓе кои не се двоумат својот комодитет и можносите за напредок во кариерата да ги нарушат заради општото добро. Затоа е важна што поголема едукација на населението за укажувачите и тоа почнувајќи од младите, па сѐ до повозрасните генерации. За заштита на укажувачите е донесен Закон, но најважно во овој процес е информираноста за овие механизми за заштита, бидејќи само така ќе поттикнеме и во иднина овој модел да функцинира без да се загрозат овие лица. Овој процес мора да ги вклучи сите и ни претставува огромно задоволство што преку овој јавен повик ќе ги вклучиме и младите, бидејќи кај нив се свежите и смели идеи, истакнува Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК. Наградите за најдобрите визуелни пораки ќе бидат доделени на 9 декември 2021 година, на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата и судирот на интереси. Сите заинтересирани средношколци можат да ги испратат своите креации на следниот линк: www.transparentnaumetnost.mk. Најдобрите дела ќе добијат сертификат и стручна литература од областа на графичкото цртање. цр/ац/

Остани поврзан