• понеделник, 23 декември 2024

ДИЦ денеска ќе одлучува во врска со споделувањето на тестот од државната матура

ДИЦ денеска ќе одлучува во врска со споделувањето на тестот од државната матура

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) - Државниот испитен центар (ДИЦ) денеска на стручен колегиум ќе одлучува за начинот на постапување на оценувачите во врска со преписот што се случи во саботата, на полагањето на испитот по мајчин јазик - првиот од двата екстерни испита на државата матура, изјави за МИА директорката на ДИЦ,  Билјана Михајловска.

Одлуката би била позната во текот на денот затоа што, рече таа, допрва имаат стручен колегиум и допрва ќе ја носат одлуката, а утре ќе имаат средба и во Министерството за образование и наука.

Како што информираше Михајловска, во вибер-група, што постоела и пред полагањето на испитот, бил споделен тестот веднаш кога почнал испитот по мајчин јазик и литература, а линкот на ДИЦ му го пратиле ученици и родители.

-Откако почна испитот, добивме линк дека е споделен тестот во вибер-групата. Значи, откако учениците седнале на место и ги добиле тестовите за да почне испитот, некој ученик го сликал празниот тест и го ставил во вибер-групата со намера некој друг да му помогне да ги одговори прашањата. Потоа неколку ученици меѓу себе споделувале што мислат дека би било точен одговор, рече Михајловска.

Директорката на ДИЦ во изјава за МИА вели дека иако се спомнува број од седум илјади вклучени во групата, тоа не е бројот на тие што го виделе или употребиле линкот затоа што за време на испитот учениците кај себе немаат мобилен телефон. Седум илјади биле членови на вибер-групата која била формирана подолго време претходно.

- Не може да се тврди дека седум илјади луѓе го виделе линкот. Да се случеше три дена порано, тоа е веќе друга приказна, тоа би било пробивање. Но, тестот е споделен во моментот кога веќе сите ученици го имале пред себе тестот. Таа вибер-група е формирана пред долго време и таму си разменувале информации за начинот на учење, кој материјал да го користат итн. Тоа е група во која матурантите си помагале меѓу себе за подготовка на матурата. Седум илјади деца, но и возрасни, биле членови на таа група, но тоа не значи дека во моментот на испитот тие седум илјади активно ја користеле групата бидејќи немале телефон, иако тој што го сликал имал мобилен телефон, рече директорка на Државниот испитен центар.

Не  е познато кој го сликал тестот и кој го споделил во групата бидејќи, вели, не значи дека во вибер-групата учениците ги користат своите имиња, а ДИЦ, рече Михајловска, нема надлежност да истражува.

-Она што ние имаме намера да го направиме и, без оглед на вибер-групите, го правиме сите години наназад, е да констатираме дали има два идентични теста односно делови од текст. Кога ќе го констатираме тоа, не ни треба вибер-група за такво нешто, додаде Михајловска.

Матурантите во саботата го полагаа задолжителниот екстерен испит, за кој беа пријавени 10 088 кандидати за македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.

За да се овозможи подобра контрола во текот на испитот и да се оневозможи препишувања или масовно споделување одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик, оваа учебна година матурантите наместо во училници, првпат полагаа во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање во кои беа ангажирани повеќе тестатори.

Претстојната сабота, 8 јуни, ќе биде полагањето на вториот (изборен) екстерен испит. Прелиминарните резултати од двата екстерни испита ќе бидат објавени најдоцна до 8 јули односно 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит. хс/бак/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан