• четврток, 07 ноември 2024

ДИТ ќе поднесе кривична пријава за сопственикот на фармата во која почина еден работник, а вториот е со оштетување на мозокот

ДИТ ќе поднесе кривична пријава за сопственикот на фармата во која почина еден работник, а вториот е со оштетување на мозокот

Свети Николе, 11 јануари 2024 (МИА) - Државниот инспекторат за труд (ДИТ) ќе поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сопственикот на свињарската фирма во светиниколското село Амзабегово, каде на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега,  кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот.

Директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) Весна Томовска вели дека по извршениот надзор ја има утврдено фактичката состојба. Утврдено е дека работодавачот не ги презел потребните безбедносни мерки во делот на спроведувањето на работните обврски од страна на работниците, а коишто се однесуваат на Законот за безбедност и здравје при работа.

-Односно дозволил пристап на ангажираните работници на работни места, на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности без притоа тие да добијат посебни упатства за работа. Самото место на извршувањето на работните задачи не било обезбедено со знаци за опасност, знаци за задолжително однесување, а како што кажав и во претходната изјава работниците не носеле лична заштитна опрема за респираторна заштита, вели Томовска.

Посочува дека работодавачот не изготвил и не спровел изјава за безбедност, со спроведување на постапка за проценка на ризик на работните места, потоа не обезбедил потребна обука за безбедност и здравје при работа за работниците, воедно тој не им обезбедил и лична наменска опрема на работниците за респираторна заштита на двајцата работници.

Јавниот обвинител кога ќе ја добие кривичната пријава од ДИТ ќе ја одреди квалификацијата на делото и врз основа на тоа ќе се знае колкава ќе биде казната за работодавачот. 

МИА претходно информираше дека починатиот работник ја отворил решетката која ги поврзува халата со дупката. Тој се симнал во дупката за да го провери шиберот, кој го повлекува течното ѓубриво од халата кон дупката, каде починал. Неговиот 53-годишен колега кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот и е хоспитализиран на Клиниките во Скопје. вдј/мд/

 Фото: МИА

 

Остани поврзан