Директорот на ФБИ: „ТикТок“ е проблем за националната безбедност на САД
- Директорот на ФБИ, Кристофер Реј изјави дека социјалната апликација „ТикТок“ е проблем за националната безбедност на САД, пренесе БТА.

Вашингтон, 24 април 2024 (МИА) - Директорот на ФБИ, Кристофер Реј изјави дека социјалната апликација „ТикТок“ е проблем за националната безбедност на САД, пренесе БТА.
Реј ја објави оваа изјава додека американскиот Конгрес се подготвува да гласа за легислативата за забрана на апликацијата.
-Апликацијата и припаѓа на кинеската компанија ByteDance, која „има обврски кон кинеската влада“, рече Реј во ексклузивно интервју за Ен-би-си Њуз.
-Кога се разгледува моќта, пристапот, технолошките способности и контролата што ги има ТикТок, Американците треба да се запрашаат што мислат за моќта, пристапот, можностите и контролата што ги има компанијата што е сопственик на ТикТок, кинеската влада и, на крајот, кинеските разузнавачки служби, посочува директорот на ФБИ.
Претставничкиот дом на САД во саботата одобри голем пакет помош за Украина, Израел и Тајван. Во рамките на овој пакет е содржан и ултиматумот во врска со „ByteDance“. Се очекува пакетот помош брзо да биде одобрен од Сенатот.
Американските власти тврдат дека ТикТок и овозможува на кинеската влада да шпионира и манипулира 170 милиони корисници во Соединетите држави. мс/
фото: МИА архива/Принтскрин