• вторник, 24 декември 2024

Димитров: Се надеваме дека ќе има добра волја за заеднички јазик со македонските историчари

Димитров: Се надеваме дека ќе има добра волја за заеднички јазик со македонските историчари

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) - Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања денеска во Скопје ги продолжи разговорите за теми поврзани со историјата.

Ангел Димитров, бугарски историчар и дипломат, по претпладневниот дел од средбата во македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија изјави дека се разговарало околу претставувањето на Охридската архиепископија во 11 век, но дека разговорите за ова прашање ќе продолжат на следна средба во Софија за која дополнително ќе се утврди термин. Тој изрази надеж дека ќе има добра волја за изнаоѓање заеднички јазик со новиот состав на историската комисија од македонска страна.

- Започнавме едни долго водени разговори досега околу претставувањето на Охридската архиепископија во 11 век. Бидејќи на нашите колеги им треба време за да навлезат во таа проблематика, решивме тоа да го оставиме за следната средба која ќе биде во Софија. Уште не сме го определиле точниот датум, треба да се искоординираме со можностите на сите членови на заедничката комисија. Повеќе не дискутиравме за тие теми за преглед на тие учебници што се за седмо одделение во Република Северна Македонија, но започнавме да работиме на утврдување на протоколи од претходни средби. Со тоа ќе продолжиме и после ручекот, рече Димитров.

На новинарско прашање дали заедничката историска комисија со Бугарија ќе почне со работа од почеток, вели дека ништо не може да почне од почеток и дека досега е завршена многу голема работа.

- Значи ништо не може да се почне од почеток, бидејќи е завршена страшно многу работа и треба да го уважиме трудот на оваа Комисија, рече тој.

За тоа дали ќе најдат заеднички јазик со новиот состав на македонските историчари, Димитров вели дека доколку има добра волја се е можно.

-Се надеваме дека има (добра волја), рече Димитров.

Заедничката македонско - бугарска историска комисија од вчера во Скопје води разговори, први по промена на членовите на комисијата од македонска страна. ев/аа/

Фото: МИА

ФОТО: Принтскрин

 

Остани поврзан