• вторник, 24 декември 2024

Димитров: Најавата за моја интерпелација е очаен обид за создавање раскол во Владата

Димитров: Најавата за моја интерпелација е очаен обид за создавање раскол во Владата
Скопје, 14 декември 2020 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашање Никола Димитров во објава на Фејсбук најавата на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување интерпелација за неговата работа во Собранието, ја оцени како очаен обид за создавање внатрешен раскол во Владата и во овој контекст директен напад кон самата држава и нејзините институции. - Веројатно ќе беше разочарување само за членството и за симпатизерите нивото на кое е паднато Здружението што се претставува како политичка партија, ама фактот што таа групација претендира да е вистинска политичка алтернатива го прави нивното гротескно дејствување дебакл. Дебакл и за општеството и за целата демократија, наведе Димитров. Тој оценува дека најавата за интерпелација во период кога државата е соочена со сериозни предизвици, а тој лично е мета на напади од разни центри што директно се борат против македонските интереси, всушност „само помага самите тие да се нацртаат во графата каде суштински припаѓаат - рамо до рамо токму со тие центри, како тотални политички и државни деструктивци, изгубени и прегазени од чекорот на времето и процесите што им се одвиваат пред нос, додека тие во своите антимакедонски лаборатории го создаваат она од што и самите се изградени - интриги, завери, лаги и конструкции“. - Очајниот обид за создавање на внатрешен раскол во Владата е на иста линија и оди далеку над политичката прагма и нивната битка против нас како политички противници. Во ова историско премрежје и овој контекст, ова е директен напад кон самата држава и нејзините институции како столбови и носители на суверенитетот. Најголемиот пораз за нив, сепак е вистината и фактот што во сите битки на македонската држава денес, предавниците никогаш не биле на оваа страна од приказната. Тоа ќе го суди и историјата, ама и блиската иднина. Таа тежина е залепена за нивните плеќи и со (само)залажувањето дека е на туѓите станува само поголема и поопасна. Нека си ја носат!, истакнува Димитров во објавата на Фејсбук. сп/

Остани поврзан