• вторник, 17 декември 2024

Димитров до Вархеји: Не бегаме од задачи и поизострено оценување

Димитров до Вархеји: Не бегаме од задачи и поизострено оценување

Скопје, 15 јануари 2020 (МИА)Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска се сретна со Оливер Вархеји, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, кој се наоѓа во прва официјална посета на Република Северна Македонија. Ова претставува и негова прва посета во странство по стапувањето на функцијата.

Посетата, како што соопшти МНР, доаѓа во важен период кога новиот состав на Европската комисија официјално ја презеде функцијата и до крајот на јануари се очекува да го објави предлогот за ревидирана методологија за водење на пристапните преговори.

Министерот Димитров, како што се наведува, искажа благодарност за јавните изјави на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и на еврокомесарот Вархеји дека Северна Македонија ги исполнила условите и дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе без натамошно одлагање.

Министерот Димитров порача дека ние сме заинтересирани што побрзо да се објави предлог методологијата и се надеваме дека тоа ќе ги разреши сите дилеми и задоволително ќе ги отслика барањата на сите земји-членки за заживување и зацврстување на процесот на проширување. Иако се наоѓа во непосреден предизборен период и во технички капацитет, Владата, како што се наведува, ќе направи сè што е во нејзина моќ да испорача дополнителни резултати во поглед на имплементацијата на реформите со ЕУ предзнак.

- Донесувањето на одлуката за почеток на преговорите е од клучно значење. Северна Македонија направи сè што се очекуваше од неа за да се донесе заслужената позитивна одлука. Во изминатиот период, промените во земјата се видливи, иако сè уште имаме предизвици на кои посветено работиме. Почетокот на преговорите ќе придонесе досегашните резултати да бидат валоризирани, но и да имаме поттик за продолжување со посуштински реформи. Сметаме дека со нашето досегашно ЕУ искуство постигнавме високо ниво на подготвеност и усогласеност со законодавството на ЕУ. Северна Македонија не бега од задачи и поизострено оценување. Напротив, нетрпеливо сака да започне да се докажува и не и пречи запирање на процесот во случај на назадување во реформите, изјавил Димитров. 

Димитров на средбата истакнал дека со комесарот Вархеји ќе работат на следните чекори и оти заедно се согласиле да внесат поголема динамика во меѓусебните размени за постигнување на заедничката цел. мд/вј/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан