• сабота, 27 јули 2024

Димитровски: Граѓаните се родово посензибилни од политичките партии

Димитровски: Граѓаните се родово посензибилни од политичките партии
Скопје, 8 април 2021 (МИА) - Центарот за истражување и креирање политики - ЦРПМ, заедно со проектните партнери организираше дебата за родовата рамноправност при донесувањето одлуки, како дел од кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“, а во рамки на проект финансиран од ЕУ. Цел на дебатата е да придонесе кон интернализација на предизвиците за постигнување на целосна родовата еднаквост на лидерските позиции на национално и локално ниво, вклучително и преку предизвикување на родово стереотипните позиции во специфични области во јавните институции и истовремено да ја зголеми вклученоста на жените во политичкото донесување одлуки. - На локалните избори 2017 година од 15 кандидатки се избрани шест градоначалнички, во 2013 година, од 29 кандидатки биле избрани четири градоначалнички, а на локалните избори 2009 година од 13 кандидатки не била избрана ниту една градоначалничка. Оваа кратка анализа покажува дека политичката понуда на кандидатки за градоначалнички од 2013 до 2017 година значително опаднала, но се зголемил бројот на избрани градоначалнички. Тоа покажува дека граѓаните се родово посензибилни од политичките партии и дека расте довербата во жените, за што единствено се заслужни жените со својата упорност и истрајност да покажат дека можат и подобро, појаснува Зоран Димитровски, заменик министер за локална самоуправа, еден од учесниците на дебатата . Според Димитровски, досега, според Изборниот законик, на партиските и граѓанските листи за советници правилото беше да се кандидираат и да бидат избрани 30 отсто жени. Пред локалните избори оваа година, ни претстои период на подобрување на Изборниот законик и ова е шанса политичките партии да најдат начин како во исто време преку отворени листи да се обезбеди поголема демократизација на општеството, но и со квота од 50% значително да се промени структурата на жените во советите на општините а и меѓу носителите на градоначалничката функција. - Важно е исто така да се обрне внимание на квалитетот на кандидатите, образованието, стручноста, но најважно од се интегритетот на личноста, без оглед дали станува збор за жени или за мажи, зашто во минатото имавме пракса да се ставаат повеќе жени на функции, но како и со мажите, главниот критериум беше тие да бидат послушници на раководствата на политичките партии. Според него, се менува и односот на избирачите кон кандидатите, особено на локално ниво - не се бараат авторитети, туку одговорни и ефикасни носители на функции, кои што ќе донесуваат добри и праведни одлуки. оџ/сп/

Остани поврзан