• понеделник, 23 декември 2024

Димитриеска: Не размислувам за оставка, Советот на јавни обвинители не дозволил да биде посочен во негативен контекст во ниту еден од извештаите

Димитриеска: Не размислувам за оставка, Советот на јавни обвинители не дозволил да биде посочен во негативен контекст во ниту еден од извештаите

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) – Не размислувам за оставка. Советот на јавни обвинители е на иста линија со сите други институции кои што се залагаат за борба против корупцијата и во ниту еден момент не дозволил да биде посочен во негативен контекст, во ниту еден од извештаите, како од домашните, така и од меѓународните експерти. Нашата работа ја вршиме согласно законот, непристрасно, објективно и така ќе продолжиме. Јас не можам да коментирам изјави на политичари, не би сакала. Ова го истакна денеска претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска по седницата на Советот, како коментар за најавите од страна на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување „робусна акција“ во судството и обвинителството.

Во однос на препораките од страна на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за Советот на јавни обвинители да ги стави вон сила одлуките за нејзино назначување во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и за уште еден член на Советот, Димитриеска рече дека немало никаква законска пречка да бидат дел од Управниот одбор на АСЈО и посочи дека Советот одржал посебна седница и недвосмислено зазел свој став.

– Беше одржана посебна седница со посебна точка на дневниот ред и членовите на Советот во отворената дискусија во присуство на медиумите на јасен и недвосмислен начин ги искажаа своите ставови, а тоа е дека нема никаква законска пречка за членувањето на членовите на Советот во Управниот одбор, ниту пак преклопување на функциите и тоа беше добро образложено. Исто така да појаснам дека и досега членови на Советот учествуваа во Управниот одбор на Академијата и истото никогаш не било доведено под знак прашање дека претставува некаков судир на интереси од сите надлежни институции кои што биле должни тоа да го констатираат. Понатаму, беше анализирана одлуката на ДКСК и едногласно од сите членови на Советот беше заземен став дека одлуката е неподобна за извршување, рече Димитриеска. 

Во изреката на ДКСК, додаде, е наведено дека се запира постапката за членување на членови на Советот во Управниот одбор, а запирањето, како што појасни, е донесено врз основа на одредбата од деловникот за работа на ДКСК, во којшто се наведува дека постапката се запира во случај кога нема да биде утврдена повреда на закон.

– При една таква состојба кога во самата изрека прво се наведува дека се запира од погоре наведеното, а понатаму се укажува дека се постапило спротивно на членот 9 од Академијата за суди и јавни обвинители, членот 44 и членот 49 од Законот за судир на интереси, сметаме дека одлуката е неподобна за извршување, рече Димитриеска.

ДКСК минатиот месец порача Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на АСЈО, бидејќи одлуките биле спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и Законот за АСЈО.

Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители. ра/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан