• среда, 25 декември 2024

Димитриевски: Најважен е дуелот со Лихтенштајн

Димитриевски: Најважен е дуелот со Лихтенштајн

Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски утре напладне ќе го соопшти списокот со фудбалери за претстојните натпревари против Лихтенштајн, на гостински терен на 8. октомври и три денови подоцна против Германија во Скопје, во рамки на мундијалските квалификации,

Во пресрет на собирот на македонската фудбалска репрезентација, голманот Столе Димитриевски во интервју за сајтот на ФФМ истакна дека најважен ќе биде дуелот против Лихтенштајн во Вадуц.

- Мислам дека првиот натпревар против Лихтенштајн е најважниот за нас. Фаворити сме, треба да го добиеме тој меч, но ќе биде многу тешко затоа што Лихтенштајн е добра репрезентација. Видовме дека против Ерменија одиграа одличен натпревар и остварија позитивен резултат, 1:1 на гостински терен. Квалитетно се спротивставија и на Германија. Фаворитот во нашата група ја осигури победата во последните 20-на минути, изјави Димитриевски.

Дополни дека треба да бидеме фокусирани во текот на сите 90. минути за да дојдеме до победа.

- Мораме да одиграме сериозен натпревар, да бидеме цврсти на сите делови од теренот и секако внимателни во дефанзивниот ред за да останеме без примен гол. Се разбира и да реализираме некоја од шансите за погодок што мислам дека секако ќе ги направиме, додаде репрезентативниот голман и член на шпанскиот прволигаш Рајо Ваљекано. ег/ар/

Остани поврзан