• недела, 17 ноември 2024

Димитриевски: Дополнително ќе ги разгледаме опциите за евентуално можно коалицирање со власта

Димитриевски: Дополнително ќе ги разгледаме опциите за евентуално можно коалицирање со власта

Скопје, 8 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Движењето ЗНАМ Максим Димитриевски вечерва на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање во однос на можните идни коалиции, посочи дека дополнително ќе ги разгледат опциите, но ќе бидат на располагање на која било идна власт кога се работи за државни национални интереси. Тој е на ставот дека со ДУИ нема да коалицираат се додека партијата не претпри реформи.

Димитриевски напомена дека нивните црвени линии се дефинирани во предизборната програма, и строго ќе се држат до нив.

-Ние засега нашите црвени линии ги дефинираме во предизборната програма и строго ќе се држиме до нашите црвени линии. Што се однесува до идни коалиции и евентуални соработки, секогаш ќе бидеме тука на располагање на која било идна власт кога се работи за државни национални интереси, но дополнително партиското раководство ќе ги разгледа сите опции и можности за евентуално партиципирање во власта или останување да работиме како конструктивна опозиција, рече Димитриевски.

Прашан дали ќе остане градоначалник на Куманово или размислува за трансфер во Владата, Димитриевски одговори дека нема никакви размислувања, но ќе остане доследен на ветувањата на кумановчани.

-Немам никакви размислувања, јас имам ветувања кон моите кумановчани, ќе останам доследен на моите ветувања и сеогаш ќе сум со кумановчани и со граѓаните на Македонија  и единствено можам моите добри практики од Куманово да ги спроведам на дело, додаде Димитриевски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ единствено на претседателските избори загуби од Максим Димитриевски во Куманово.

-Факт е на овие избори, кога ќе направите целосна анализа, покрај ова изборно цунами кое што го направи ВМРО-ДПМНЕ со добра стратегија, план, со многу пари и од едната и од другата страна, влезе нов субјект како ЗНАМ на политичката сцена и ВМРО-ДПМНЕ единствено на претседателските избори загуби од Максим Димитриевски во Куманово и горд сум на моите кумановчани, рече Димитриевски.

На новинарско прашање дали прифаќа коалицирање со ДУИ, тој напомена дека за него но и за луѓето во раководството на ЗНАМ се уште важи слоганот „зборот е збор“.

-Од овој слоган не се откажавме и остануваме на тој збор, дека никогаш во овој момент и во иднина нема да коалицираме со ДУИ се додека таа партија не претпри сериозни внатрешни кадровски реформи, додаде Димитриевски.

Како што потенцираше, борбата на ЗНАМ допрва почнува.

-ЗНАМ тргна од ништо, денеска има пратеничка група а веќе на следните локални избори го очекуваме уште поголемиот резултат за нашата политичка опција. Нашата иднина почнува од вечерва и заедно со граѓаните ќе ја креираме убавата слика во иднина на Македонија. Како тоа ќе се движи ќе зависи и од нас и од останатите политички чинители, но првенствено од волјата на граѓаните. Повеќе нема да живееме во црно-сив свет, туку етаблиравме нов политички субјект на македонската политичка сцена, додаде Димитриевски.бт/са/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан