• петок, 08 ноември 2024

Дигиталната индустрија во земјава расте скоро 30 проценти годишно, платите во ИТ секторот речиси исти со европските

Дигиталната индустрија во земјава расте скоро 30 проценти годишно, платите во ИТ секторот речиси исти со европските

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) – Интегрирање на сите дигитални процеси во државата и обединување на сите чинители во општеството кои имаат огромна улога во процесите на дигитализацијата и дигиталната трансформација, е целата на 18-тата Годишна конференција на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ што денеска се одржува во Скопје на тема „Building Bridges: Towards Our Common Digital Future“ под мотото „#DIGITALUNITED“.

-Дигиталната индустрија во нашата држава во овие години многу напредува со раст од скоро 30 проценти годишно, а платите речиси го достигнуваат нивото на европските држави. Мислам дека компаниите од ИТ секторот се едни од најобединетите во државата и сите имаме иста цел да ги подобриме сите процеси во државата, како и да не се иселуваат младите луѓе од земјава, изјави претседателката на Собранието на МАСИТ, Анита Пешева на паузата на конференцијата.

Нагласи дека македонските компании досега работеа на четвртата индустриска револуција и додаде дека не знае колку успеале во тоа, особено во државниот сектор, а сега, како што кажа, не чека петтата индустриска револуција која се базира на вештачката интелигенција и роботиката, која многу брзо ќе дојде.

-Тие процеси и таа револуција многу ќе помогне во нашата држава за средување на многу сегменти во животот, рече Пешева.

Прашана дали тоа ќе ги задржи младите да не си одат од државата, рече дека сега има нова тенденција - ИТ инженерите почнуваат да се враќаат дома во својата земја, која не е само во нашата држава,  туку во цел Балкан.

-Работата од далечина им е многу достапна, а тука им е домот и семејството и имаат пристап до училишта и не мора да плаќаат кирија. Покрај тоа платите се толку зголемени така што со тие примања кои ги имаат нашите млади инженери може многу подобро да живеат во државава отколку надвор.... Во нашата држава не е регулирана работата на младите кои работат како фриленсери од тука и немаме претстава колку се на број. Мислам дека треба да се стават во системот на државата, да помогнат и да се искористат тие млади луѓе во дигитализацијата на администрацијата која неверојатно каска во споредба со дигитализацијата на приватните компании и домовите, истакна Пешева.

Посочи дека интероперабилноста која треба да се направи помеѓу институциите на системот и разменувањето на податоците меѓу нив се на, како што рече, многу ниско ниво.

-Се надевам дека со оформувањето на агенцијата за дигитализација некако ќе се централизираат работи и дека ќе се знае за секоја институција што купува и колку се компатибилни системите меѓу себе. Токму тоа треба да биде целта на државата за да им се помогне на луѓето, да им се олеснат работите и да не чекаат со денови по шалтери и да губат време за работи кои може дигитално да се направат, потенцира Пешева.

Членот на Управниот одбор на ПроКредит банка, Емилија Спировска посочи дека банката веќе долго време е партнер на МАСИТ.

-Наш мотив и цел е ИТ секторот да го доближиме до малите и средните претпријатија во земјава. Како банка која го поддржува растот и развојот на малите и средните претпријатија сметаме дека понатамошната дигитализација кај нашите домашни компании е исклучително важна за зголемувањето на нивната ефикасност и конкурентност. Токму затоа е важно ИТ секторот повеќе да ги разбере домашните компании, а тие да имаат поголем интерес за вложување во дигитализација, рече Спировска.

На тој начин, додаде, ќе се отвори поголем пазар за домашниот ИТ сектор, а домашните компании преку процесот на дигитализација ќе ја зголемат својата ефикасност и конкурентност. вј/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан