• вторник, 24 декември 2024

Деца од скопски градинки во посета на припадниците на полициската Единица за брзо распоредување

Деца од скопски градинки во посета на припадниците на полициската Единица за брзо распоредување

Скопје, 17 октомври 2023 (МИА) - Како продолжение на активностите кои МВР ги отпочна во рамки на „Детската недела“, резервирана за првата недела на октомври, кога и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори својот Кабинет за најмладите, денеска во Полицискиот центар Ѓорче Петров, во кој се наоѓа базата на Единицата за брзо распоредување е реализирана посета на околу педесет деца од ЈУОДГ „Пролет“ - Карпош и клон „Сончогледи“ - Влае.

Реализираната посета, како што соопшти МВР, е согласно програмските определби на установата во рамки на кои е предвидено најмладите да се запознаат со дел од професиите, во случајот со професијата полициски службеник – припадник на Одделот за специјални полициски операции.

За време на посетата, децата имале можност во непосреден контакт со припадниците на ЕБР да слушнат за задачите на оваа единица, компетенциите кои се неопходни за да се биде дел од неа, улогата што оваа Единица ја има во целокупниот систем на безбедност на граѓаните, материјално - техничките средства, опремата и возилата што специјалците ги користат при извршување на службените задачи.

- Најмладите гости на ЕБР имаа можност да ги учат основите на прва помош, боречки вештини, воспоставување на јавен ред и мир, а секако се слушна и по некоја полициска сирена. За топлото добредојде младите гости им доделија на специјалците од ЕБР и Благодарница за унапредување на условите за квалитетно одвивање на воспитно-образовната работа на градинката, информираа од МВР. цр/бак/

Фото и видео: МВР

Остани поврзан