• вторник, 24 декември 2024

Детскиот музички спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ в недела на голема сцена во салата „Борис Трајковски“

Детскиот музички спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ в недела на голема сцена во салата „Борис Трајковски“

Скопје, 21 декември 2023 (МИА) - Детскиот музички спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ ќе биде изведен во недела на 24 декември, во 17 часот во Арената Борис Трајковски. Креаторите на претставата најавуваат нешто ново и досега невидено, не само кај нас туку и пошироко. Петар Пан во новогодишно руво ќе го фрли златниот прав на чудата, а Дедо Мраз ќе слета со санката носејќи подароци и изненадувања. 

-Ова е можност сите заедно да ја испратиме старата и со Дедо Мраз, Петар Пан, Ѕвончица, Венди, неговата дружина, изгубените момчиња, индијанците, пиратите, Капетан Кука и страшниот крокодил, да ја дочекаме Новата 2024 година, истакнаа на денешната прес-конференција креаторите на оваа возбудлива претстава. Тие најавуваат многубројни изненадувања и фантастича забава.

Сценариото и сонговите на Петар Пан, омилениот лик од романот на Џејмс Метју Бари, ги напиша Ристо Самарџиев, режијата и кореографијата се дело на Ирена Лозинска, а за магичната музика се погрижи Владимир Дојчиновски. 

-По премиерните изведби што беа во Националната опера и балет каде што успеавме на најдобар можен начин да ја донесеме Недојдија во Скопје, сега ќе ја донесеме и Лапонија во Скопје. Борис Трајковски ќе биде и Недојдија и Лапонија. Малку ќе и пркосиме на гравитацијата. Ќе го очекуваме Дедо Мраз да ни слета со неговата магична санка, а ќе очекуваме Петар Пан малку да се одвои од земјата. Мислам дека тоа е доволно да ви кажам, вели Дојчиновски најавувајќи го спектаклот.   

Режисерката и кореографка Лозинска вели дека како и тие и публиката ќе види нешто необично и досега невидено кај нас.

-За тоа се спремавме и не е се така едноставно, како што ќе изгледа. Пред се децата ќе навистина ќе доживеат вистинска магија, вели Лозинска. 

Петар Пан е синоним за волшепство и семожност, за магичен прав со кој летаат малечките херои и светот, едноставно станува волшебен. Во тоа ќе не уверат вистинските ѕвезди на претставата, децата од Балетското студио - Арт Балет.  

Тамара Ѓурчиновска од балетското студио „Арт Балет“ ја издвои Петар Пан како една од најубавите приказни за деца.

-Драго ми е што од сето тоа се создаде едноа спектакуларно танцово и музичко шоу коешто е невидено на нашите простори. Кога велам на нашите простори не мислам само на нашата држава туку и пошироко бидејќи навистина јас доста патувам и по танцови семинари и претстави и по балестки натпревари, го пратам целиот театарски регион и можам слободно да кажам дека пошироко во Европа ваква претстава нема, истакна Ѓурчиновска на прес-конференцијата што се одржа во прес-центарот на Медиумската информативна агенција (МИА).  

Новиот музички детски спектакл „Петар Пан и Дедо Мраз“ го организира Прагма продукција, а билетите  можат да се купат на продажните места на Розе Веро 2 , и преку онлајн на kupikarta.com. ев/дма/

ФОТО: МИА

Остани поврзан