Детската претстава „Малата сирена“ на кумановскиот театар слави пет години од изведбата
- Детската претстава „Малата сирена“ на кумановскиот театар, утре повторно ќе биде изведена пред најмладата публика во Куманово со почеток во 16 часот. Билетите се достапни за подигање од билетарницата на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, информираа денеска од установата.
Куманово, 2 април 2024 (МИА) - Детската претстава „Малата сирена“ на кумановскиот театар, утре повторно ќе биде изведена пред најмладата публика во Куманово со почеток во 16 часот. Билетите се достапни за подигање од билетарницата на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“, информираа денеска од установата.
„Малата сирена“ премиерно беше изведена пред пет години и ова е нејзино 28 играње пред децата од Куманово и од државата.
Режисерката на претставата, Бојана Краљевска изјави дека сè уште има интерес за оваа претстава.
-Со текот на годините се менуваат генерации, има нови деца кои се доволно возрасни да ја посетат претставата, децата се живот и со тоа му даваат живот и на театарот. Созреваат нови генерации кои се заинтересирани, театарот како медиум е незаменлив, и најпознатите холивудски актери сè уште играат во театар затоа што тоа чувство од двете страни и од аспект на публика и од аспект на актерска игра е незаменливо, кажа Краљевска.
Актерката Сања Русеска вели дека претставата постигнала огромен успех. Таа рече дека е задоволство што претставата го слави петтиот роденден.
-Претставата беше посетена на неколку фестивали во земјата и секогаш кога сме ја играле секогаш била преполна и се барало карта плус, вели Русеска.
Сценографот Крсто Богојевски, за оваа претстава доби и награда за најдобра сценографија на штипскиот фестивал „Малиот принц“.
-Сценографиите за детските претстави се поспецифични, бидејќи покрај тоа што детската фантазија е неограничена, се е возможно во тој свет, на сцена кога ќе се постави сето тоа мора да се внимава на колоритот, на самите елементи, да биде доволно интересно и привлечно да го задржи нивното внимание, бидејќи детското внимание не е многу долго, рече тој.
„Малата сирена“ освои и награда за најдобра костимографија од Кети Пауновска, а актерот Никица Јанковски ја доби наградата за најдобар актер. ам/цр
Фото: МИА и Театар Куманово