• понеделник, 23 декември 2024

Детектор анкета: Граѓаните негативно гледаат на вештачката интелигенција и бараат нејзино ограничување

Детектор анкета: Граѓаните негативно гледаат на вештачката интелигенција и бараат нејзино ограничување

Скопје, 7 април 2024 (МИА) – Македонските граѓани имаат негативен став за влијанието на вештачката интелегенција врз повеќе сфери на општественото живеење, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека мнозинство македонски граѓани знаат како функционира вештачката интелигенција, но ретко кој ја користел. Според него, 57,8 отсто од граѓаните се запознаени со терминот вештачка интелигенција, додека пак 39,3 отсто не се. 

Нешто под половина од анкетираните сметаат дека употребата на вештачката интелигенција треба да се забрани или да се ограничи. Ваков став делат точно 48,4 отсто од анкетираните додека во спротивното се убедени 21,8 отсто. 

Дури 39,1 отсто сметаат дека вештачката интелигенција негативно ќе влијае на процесот на образование, додека само 22,6 отсто гледаат позитивни елементи. Близу 50 отсто се на ставот дека вештачката интелигенција ќе има негативно влијание врз вработувањето, а само 12,3 отсто гледаат позитивни ефекти. 

Кај безбедноста, позитивни ефекти од вештачката интелигенција гледаат само 19,6 отсто од анкетираните, додека 37,6 отсто сметаат дека таа ќе има негативно влијание. Најподелени се граѓаните за влијанието на вештачката интелигенција при транспортот, односно дури 29,6 отсто сметаат дека таа ќе има негативно влијание, додека 24,9 отсто гледаат позитивни ефекти. 

Големо е мнозинството и на граѓани кои сметаат дека вештачката интелигенција негативно влијае врз животната средина, односно 34,2 отсто гледаат негативно влијание врз екологијата, доколку пак, 35.5 отсто врз земјоделството. Високи 43,5 отсто сметаат дека вештачката интелигенција ќе има негативно влијание врз меѓучовечките односи. 

Голема е поделеноста околу тоа дали животот во иднина ќе биде полесен или потежок со технологијата на вештачката интелигенција, 28,7 отсто сметаат дека животот ќе биде полесен, 28,8 отсто дека ќе биде потежок, доколку пак, 9,9 отсто дека нема да има промена. Помладите граѓани се на ставот дека ќе биде полесно со вештачка интелигенција додека повозрасните помалку веруваат во тоа. 

Близу 60 отсто од анкетираните граѓани се убедени дека нема да можат да препознаат доколку некој аудио или видео материјал бил менуван со користење на вештачка интелигенција, додека 30,9 отсто за себе сметаат дека имаат капацитет и вештини да го забележат тоа. 

Анкетата за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21 до 24 март оваа година. ра/нд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан