• четврток, 26 декември 2024

Деспотовски: На голем број на членови на СДСМ не им било овозможено да гласаат, сите овие случаи се евидентираат

Деспотовски: На голем број на членови на СДСМ не им било овозможено да гласаат, сите овие случаи се евидентираат

Скопје, 30 јуни 2024 (МИА) - Кандидатот за нов лидер на СДСМ Јован Деспотовски денеска по гласањето во Општина Карпош изјави оти очекува дека до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес, но потенцираше дека има информации за голем број на членови на партијата на кои што им било оневозможено да гласаат. СДСМ, како што рече, е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места.

-Денеска е голем ден за СДСМ. Денеска избираме претседател во партијата. Добро е што луѓето излегуваат и гласаат. Јас очекувам дека целата оваа енергија што успеавме изминативе денови да ја мобилизираме, енергија за промени, денеска да се ефектуира, односно да се случи преку гласањето. Очекувам до крајот на денот ќе се почитува принципот на демократски изборен процес и дека членовите на СДСМ  ќе изберат еден нов почеток кој што треба да почне уште утре, рече Деспотовски.

Загрижувачки е, како што рече, што во досегашниот тек на гласањето има голем број на членови на СДСМ на кои што не им било овозможено да гласаат иако имаат се она што е потребно за гласање.

-Со мојот тим изминатите неколку денови зборувавме на оваа тема, поднесовме и официјално барање да им се овозможи на сите оние членови на партијата кои ќе се појават на избирачките места, да можат да си го реализираат своето уставно загарантирано право. Сите овие случаи се евидентираат секаде, имаме контрола на секое избирачко место низ државата во сите општински организации. Без разлика на исходот од гласањето, ќе мора во наредните неколку денови да се посветиме како политичка партија сите овие случаи да ги расчистиме, додаде Деспотовски.

Тој напомена дека СДСМ е политичка партија која што во ниту еден момент не смее да си дозволи своите членови да ги враќа од избирачките места, особено не да си го дозволи тој „луксуз“ во ситуација во која што се сега, кога навистина секој член е важен.

Прашан за коментар во врска со повлекувањето на кандидатурата на поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, Деспотовски одговори дека уште ги чека доказите за наводните нерегуларности.

-Па јас навистина чекам да ги видиме доказите кои што Славјанка ги најави за наводни нерегуларности во самиот тек на постапката. Откако тие докази ќе бидат презентирани јас и нашиот правен тим со кој што работиме ќе дадеме соодветно мислење, додаде Деспотовски. бт/aa/

Фото: МИА

Остани поврзан