• среда, 27 ноември 2024

Ден на „станушина“ во Кавадарци 

Ден на „станушина“ во Кавадарци 
Кавадарци, 7 мај 2022 (МИА) - Ден на „станушина“ е насловена манифестацијата којашто се реализира во Кавадарци, во организација на Здружението Тиквешки семејни винарии, со поддршка на кавадаречката локална самоуправа. Манифестацијата започна синоќа во градската винотека, со поетско читање на теми поврзани со станушината. Во тек се советувања на тема лозарство и винарство, на агендата се стручни анализи на универзитетските професори Виолета Димовска, Виолета Иванова Петропулис и Климе Белески. Пред присутните се обрати Горан Јаковлевски, претседател на „Тиквешки семејни винарии“ кој рече дека по долги години размислување, денес идејата станува стварност. -Седми мај го одбравме да биде светски ден на станушината, единствената автохтона македонска сорта на грозје. Нашето македонско девојче, како што сите ние го нарекуваме, сакаме да го издигнеме на едно повисоко и достоинствено ниво, нагласи Јаковлевски. Тој беше дециден дека иако оваа сорта на грозје е малку застапена, со децении назад од неа се прави квалитетно вино. -Во рамките на здружението, има семејни винарии што ја негуваат оваа сорта. „Ерос“, „Наумчеви“, „Јаковлевски“, „Клинчарови“, „Захарчев“ и други, информираше Јаковлевски. Тој соопшти дека една од првите што започнале со производство на вино од оваа сорта, е винаријата „Попова кула“. Јаковлевски откри дека од страна на семејните винарии, виното од автохтоната сорта се продава под различни имиња. „Момина солза“, „Мома ресавка“, „Розе секси“, „Ева“ и слично.свд/вј/

Остани поврзан