• сабота, 23 ноември 2024

Денот на шегата зад маската на пандемијата

Денот на шегата зад маската на пандемијата
Скопје, 1 април 2021 (МИА) - Рој од дечиња претворени во волшебнички, суперхерои, спортисти и многу други костуми, низ годините на 1-ви април дефилираа на нашиот плоштад. Оваа година има неколку маски, истите се на дистанца, придружени од родителите кои ја носат маската на годината – заштитната маска од ковид - 19. Денеска е 1 април, денот на шегата. Децата со различни желби, родителите со само една, што поскоро да се ослободиме од заштитните маски од нашите лица. Низ земјите во светот, Денот на шегата секоја година се слави на 1-ви април. Овој ден не е национален празник, но, секаде се прославува како ден кога многумина прават разни весели шеги и загадочни трикови на пријатели, членови на семејството, наставници, соседи и колеги. МИА излезе на терен за да ја долови годинашната атмосфера на Денот на шегата кај нас. Наидовме на разиграни дечиња, маскирани во најразлични маски. Дел од децата споделија дека за жал, оваа година, своите маски не ги претставија на училиште, бидејќи наставата, поради пандемијата со ковид – 19 е онлајн. Родителите, пак, споделија дека е видлива разликата од претходните години. Нема гужва и протоколите ја ограничуваат забавата, велат тие. Дополнуваат дека е важно да ги почитуваме протоколите, но и да не заборавиме да го зачуваме духот, за сето ова да помине побрзо и полесно. Претходници на Денот на шегата се римскиот фестивал Хиларија, кој е поврзан со доаѓањето на новата сезона и „обновувањето на радоста“, кој се одржувал на 25 март и средновековниот Фестивал на шегата, кој се одржувал на 28 декември. Обичајот да се прават добронамерни шеги на соседите е традиција прифатен низ целиот свет. Насмевката е лек а шегата го продолжува животот, затоа сите, да заборавиме на миг на околностите, да се пошегуваме, да се насмевнеме, и со тоа да го одбележиме денот на шегата кој е наменет за забава и ширење на смеа помеѓу луѓето. На денешниов ден маскирајте се доколку имате можност и споделете некоја шега, барем и виртуелно, таков е денот, но и ситуацијата, за која, сите се надеваме дека ќе помине што поскоро, како на шега.

Автор: Ангела Рајчевска Фото: Фросина Насковиќ Видео: Андреј Бранковиќ

Остани поврзан