• вторник, 24 декември 2024

Денков: Можно е Бугарија да не влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 година

Денков: Можно е Бугарија да не влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 година

Софија, 21 јануари 2024 (МИА)  - Бугарскиот премиер Николај Денков изјави дека е можно неговата земја да не влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 година, како што е планирано.

Денков за бугарското радио Дарик изјави дека посочениот датум за воведување на еврото во неговата земја „не е сигурен“.

-Тоа што е свето не е датумот, туку да се има јасна насока и да се работи на тоа. Ова е добро за бизнисот, добро за граѓаните, добро за контролата на финансиските институции, рече Денков.

Бугарскиот премиер истакна дека владејачката коалиција прави се што може за да го забрза процесот за влез на Бугарија во еврозоната, пренесува Политико.

Бугарија минатата година се откажа од воведувањето на еврото на 1 јануари годинава бидејќи стапката на инфлација во земјата не го исполни стандардот и допрва треба да се спроведат одредени законски измени.

Потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис, во февруари минатата година изјави дека Бугарија ќе влезе во еврозоната кога ќе ги исполни сите критериуми и дека 1 јануари 2025 година е еден од можните датуми за тоа.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан