• среда, 27 ноември 2024

Дендиас – Ји:  Зајакнување и продлабочување на грчко-кинеската соработка

Дендиас – Ји:  Зајакнување и продлабочување на грчко-кинеската соработка

Атина, 27 октомври 2021 (МИА) - Подготвеност за дополнително зајакнување на соработката меѓу Грција и Кина, изразија шефовите на грчката и кинеската дипломатија, Никос Дендиас и Ванг Ји за време на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас и Ји ја истакнаа и важноста на конвенцијата на ОН за морското право (UNCLOS) и нејзиното почитување.

-Подготвени сме да ја продлабочиме и да ја рзвиеме морската соработка на Кина со Грција, почитувајќи ја конвенцијата на ОН за морското право, рече кинескиот МНР и додаде дека со неговата посета во Грција и Европа сака да испрати неколку пораки, меѓу кои и една посветена на Зимските олимписки игри во Пекинг, истакнувајќи дека не треба да се политизира спортот.

Двајцата министри се осврнаа и на кинеската инвестиција на атинското пристаниште Пиреас, а Ји рече дека постои „огромна можност за соработка и светла перспектива за развој во поврзаноста меѓу Кина и Европа“ и ја изрази поготвеноста на неговата земја за унапредување на културниот дијалог со Европа.

Дендиас рече дека разговарале и за можноста за продлабочуање на економските односи меѓу двете земји и за перспективите за нови кинески инвестиции.

-Многупати имаме кажано дека Грција може да биде влезна точка од Азија кон Европа, енергетска точка, секако со изградбата на новиот терминал за течен гас во Александруполи и на интерконекторите, рече Дендиас.

Посочи дека имал можност да го информира неговиот кинески колега за „особено загрижувачките случувања во Источниот Медитеран и дестабилизирачката улога на Турција“, додавајќи дека дестабилизацијата носи опасност за слободата на поморството и за развојот на меѓународната трговија.

Паралелно му се заблагодари на Ји за позицијата на Кина, како постојан член на Советот за безбедност во однос на кипарското прашање.

Министерот за надворешни работи на Кина, за време на неговата посета на Атина се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицтакис. ср/

Остани поврзан