• понеделник, 23 декември 2024

Демократите го освоија потенцијално одлучувачкото место во Пенсилванија за контрола на Сенатот на САД

Демократите го освоија потенцијално одлучувачкото место во Пенсилванија за контрола на Сенатот на САД
Вашингтон, 9 ноември 2022 (МИА) - Демократите изутринава го освоија потенцијалното одлучувачко место  во сојузната држава Пенсилванија, за контрола врз Сенатот, каде Џон Фетерман го победи следбеникот на Доналд Трамп, д-р Мехмет Оз, јавија телевизиските канали Фокс њуз и Ен-би-си. Човекот кој доживеа мозочен удар во мај, Фетерман се натпреваруваше за место во Сенатот со суперѕвездата Мехмет Оз, најследената личност од страна на јавноста на овие меѓуизбори. - Се обложивме на жителите на Пенсилванија и не нè изневеривте. Ниту јас нема да ве изневерам вас, се заблагодари Фетерман по победата. Белата куќа објави дека американскиот претседател Џо Бајден му испратил порака каде му честита на Фетерман. - Горд сум што се боревме за заштита на правото на жените на избор, појасни Фетерман, мислејќи на правото на абортус што се најде во центарот на кампањата во источната сојузна држава, една од неколкуте каде граѓаните понекогаш гласаат за демократи, другпат избираат републиканци. Изминатите недели, предноста на Фетерман се стопи, за на крај да биде претесно за да може да се одреди изборен фаворит. Кампањата му беше обележана и од мозочниот удар, што ја доведе во прашање неговата способност да служи како сенатор, особено по интервјуто каде се служеше со уред за да ги слушне поставените прашања поради проблеми со слухот. Тоа сенаторско место долго го држеше републиканец и важи за одлучувачко за контрола на Горниот дом на американскиот Конгрес, па според тоа и за останатите две години од мандатот на Бајден. Роден во Пенсилванија, Фетерман од 2006 до 2019 година беше градоначалник на Брадок. Важи за прогресивен политичар, ја стекна титулата „најкул градоначалник“ и се обиде да го оживее градот, што некогаш беше индустриски и го загуби сјајот по падот на производството на челик, со програми за помош на младите и проширување на зелените површини. бд/сд/

Остани поврзан