• четврток, 07 ноември 2024

Демографи: На Хрватска и се заканува најголемо намалување на бројот на населението

Демографи: На Хрватска и се заканува најголемо намалување на бројот на населението
Загреб, 14 јануари 2022 (МИА) - Демографите предупредија дека Хрватска, според првите резултати од пописот во 2021 година, забележала најголем пад на бројот на населението во споредба со претходните пописи, а до крајот на деценијата земјата би можела да има само 3,5 милиони жители. Хрватска сега има 3,89 милиони жители, што е за 9,25 отсто помалку од 2011 година, ги објави денеска Централниот завод за статистика првите резултати од пописот во 2021 година. Демографот Иво Турк истакна дека ова е најголем пад при попис на население од независноста на Хрватска, што значи дека земјата во изминатите 10 години го губела населението со најголем интензитет во споредба со претходните пописи, објави Хина. Иако бројот на населението во Хрватска постојано се намалува, пописот од 2011 година покажа пад од 3,4 отсто во однос на 2001 година, а пописот од 2001 година покажа пад од 7,25 отсто во однос на 1991 година. - Тоа само по себе доволно зборува за негативните и лоши демографски показатели во Хрватска. Треба да се напомене дека тоа не е најлошото, бидејќи останува да се види каква е старосн-половата структура на населението, посочува Турк. Тој додава дека се очекува оти податоците за старосната структура ќе покажат уште поголем број на повозрасни лица (60 и повеќе години) во однос на младите (19 и помлади), бидејќи веројатно најмногу млади има меѓу оние кои емигрирале. - Ако овој тренд продолжи, населението би можело да се намали под 3,5 милиони многу порано отколку што предвидуваа Евростат и ОН. И тоа до крајот на оваа деценија, заклучи Турк. Според демографот, потребна е демографска политика, која би била натпартиска и надвладина, која би имала континуитет и покрај смената на партиите или владите. Тој, исто така, посочува дека во моментов нема брз рецепт за демографско закрепнување бидејќи ништо во демографијата не може да се поправи преку ноќ. - Ако сега сакате да ја поправите ситуацијата, тоа ќе се види дури за 20 или 30 години, вели Турк, кој решението го гледа во враќањето на младите кои се иселиле. гт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан