• понеделник, 23 декември 2024

Демарш од Атина до Анкара за изјави поврзани со суверенитетот на грчките острови во Егејското море

Демарш од Атина до Анкара за изјави поврзани со суверенитетот на грчките острови во Егејското море
Атина, 17 февруари 2022 (МИА) – Министерството за надворешни работи на Грција доставило демарш до вршителот на должност во амбасадата на Турција во Атина за неодамнешните изјави на турски функционери околу суверенитетот на грчките острови во Егејското море, објавија медиумите во Грција, повикувајќи се на дипломатски извори, јави дописничката на МИА од Атина. Според истите извори, грчкото МНР до турската страна го истакнало силното незадоволство „за неодамнешните изјави на турските власти кои го оспорија грчкиот суверенитет над островите во Егејското Море, обвинувања кои секако грчката страна ги отфрла како неосновани“ и било потенцирано дека овие изјави „не само што се контрапродуктивни, туку претставуваат ескалација на турското провокативно однесување“. Дополнително, Министерството за надворешни работи на Грција им дало инструкции на грчките амбасади во земјите членки на Европската Унија, НАТО и членките на Советот за безбедност на ОН да информираат за ескалацијата на турското провокативно однесување. Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека „сите провокации од турската страна веднаш добиваат одговор“. -Мислам дека меѓународната заедница апсолутно ги дели позициите на грчката страна. Сите сфаќаат дека се неосновани турските тврдења и го сфаќаат провокативното однесување и игнорирањето на меѓународното право, но и сите договори за добрососедски односи, рече Иконому. Грција и Турција, се очекува следната седмица да одржат нов круг од прелиминарните контакти. ср/ссм/

Остани поврзан