• сабота, 23 ноември 2024

Дел од најагресивните раси кучиња

Дел од најагресивните раси кучиња

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - Некои раси кучиња се посклони кон агресивно однесување од останатите, па поради тоа, тие не се препорачуваат за неискусни љубители и сопственици кои немаат доволно време за обука, тренинг и за дружење со миленикот.

Секое куче може да биде агресивно, без разлика на расата. Порталот „Дог академи“ (Dog Academy) посочува некои од најагресивните раси кучиња.

Чивава

Иако ова е мало, верно куче, одгледувачите многу добро знаат за неговата агресивност и проблеми со однесувањето. Чивавите може да бидат многу непријателски настроени кон туѓинци и кон други животни. Поради својата големина, не се сметаат за „најопасната“ раса, но доколку не се правилно одгледани и социјализирани, може да предизвикаат штета со каснувања.

Ротвајлер

Ова куче има вродена агресија поради што некои луѓе ги користат, пред сѐ, за борба со кучиња. Ова куче е заштитнички настроено и верно на својот сопственик, но има голем нагон за барање плен и затоа му треба добар тренинг. Сепак, ротвајлерот е интелигентно милениче и брзо учи, поради што не е проблем за сопствениците кои имаат искуство со агресивни раси.

Питбул-териер

Како силни, мускулести и кучиња со силна вилица, и питбул-териерите често се користат во уличните борби. Во погрешни раце, овие кучиња стануваат и сериозна опасност за околината, со доволно чести смртни исходи. Се препорачуваат само за искусни сопственици.

Неаполски мастиф

Овие кучиња станаа светски познати веројатно и поради кучето Фанг кое се појавува во серијалот „Хари Потер“. Иако големо и силно, ова куче е исклучително верно. Агресивно е кон туѓинци и кон секое лице или животно што го смета за закана. Тренингот и социјализацијата на мастифот треба да почнат кога сѐ уште е мало куче - за да се спречи агресивното однесување подоцна.

Чау-чау

Иако изгледаат како „плишани мечиња“, и овие кучиња се познати по својата недружељубива и агресивна природа. Тие обично може да се одгледуваат за лов и чување имот. За ова куче да ја потисне својата агресија, му треба постојана обука и строга контрола.

Аргентинска дога или мастиф

Бара строго воспитување, доследен тренинг и искусен сопственик за да се спречи секакво агресивно однесување. Не треба да се чува во домаќинства со други животни.

Германски овчар

Во погрешни раце, и овој домашен миленик може да биде опасен и агресивен, бидејќи е природен заштитник на својата територија, па така и на своето семејство. Поради неговата висока интелигенција и брзо учење, денес често се користи и како полициско-воено куче.

Германската армија почна со обука на службени кучиња за откривање на инфекција со коронавирусот.

 

Мексиканската армија оваа недела стана побогата за еден член - тримесечен германски овчар. Тој ќе биде дел од специјалната единица за наоѓање и помош на преживеани лица по земјотрес и други п

Јазовчар

Како и чивавата, и јазовчарот е мало куче склоно кон агресија. Поради нивната големина, тие често се чувствуваат загрозени и тоа обично резултира со ‘ржење, лаење и гризење заради заштита. Ним им треба тренинг и социјализација што почнува што е можно порано, поради потиснување на агресијата.

Далматинец

Познатите точкести кучиња се заштитен знак на противпожарните единици, но и тие важат за агресивни кучиња, што произлегува од нивната тврдоглавост и нагонот за бранење на својата територија. Покрај тоа, далматинецот има и висок нагон за плен, поради што може да нападне и дете. Со соодветни вежби и социјализација, и ова куче може да биде одлично семејно милениче.  си/паг/

Фото: МИА архива, Пиксабеј

Остани поврзан