• четврток, 26 декември 2024

Дел од жителите на Лерин ноќта ја поминаа на отворено, сеизмолозите смируваат

Дел од жителите на Лерин ноќта ја поминаа на отворено, сеизмолозите смируваат
Атина, 10 јануари 2022 (МИА) – По силниот земјотрес со јачина од 5.3 степени што кусо пред полноќ по локално време беше регистриран во близина на границата на Грција со Северна Македонија, а беше почувствуван и кај нас, дел од жителите на Лерин, ноќта ја поминаа на отворено, додека пак грчките сеизмолози оптимисти, јави дописничката на МИА од Атина. Епицентарот беше два километри западно од Лерин, од земјотресот не се регистрирани посериозни материјални штети, ниту пак повредени граѓани, а со одлука на градоначалниците, градинките, основните и средните училишта во поширокиот регион, денеска превентивно ќе бидат затворени. Веднаш по земјотресот вонреден состанок одржа координативното тело за цивилна заштита од регионот на Лерин, а префектот на грчката област западна Македониа Јоргос Касапидис, по состанокот рече дека не постојат жртви, повредени, ниту пак уранати објекти и некои посериозни штети. По силниот земјотрес, што веројатно беше и главниот, во поширокиот регион на Лерин до рано утрово беа регистрирани над 50 земјотреси, од кои 11 беа над три степени. Претседателот на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина Акис Целендис за грчката телевизија „Скај“ рече дека „интензивната сеизмичка активност покажува дека сеизмичката низа се одвива непречено“, а тоа е уверување дека синоќешниот беше и главниот земјотрес. Додаде дека веројатноста за поголем земјотрес е мала, но дека помалите земјотреси ќе продолжат и во следниот период, можно е и во следните седмици. Професорот и претседател на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси Ефтимиос Лекас за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека  ситуацијата е добра и ќе почекаат во следните ден или два да видат како ќе се одвива сеизмичката активност во конкретниот регион и додаде дека во минатото имало големи земјотреси во регионот. Сеизмологот Герасимос Пападопулос, преку Фејсбук коментираше дека во истиот регион на 18 февруари 1911 година бил регистриран земјотрес со јачина од 6.7 степени, а паралелно изрази и оптимизам. -По синоќешниот земјотрес со јачина од 5.3 степени (според Националната опсерваторија во Атина), северно од Лерин и источно од Преспа, имаше доста последователни земјотреси, а најголемиот беше 4.2 степени. Оптимистички елемент дека добро одиме. Помалите земјотреси не се евидентираат соодветни, бидејќи регионот е во географските граници на Националната сеизмографска мрежа, напиша Пападопулос. Грчките медиуми во текстовите за земјотресот истакнуваат дека беше почувствуван и во Северна Македонија, особено во Битола. ср/

Остани поврзан