• понеделник, 23 декември 2024

Делчевските кик-боксери со пет медали ја започнаа новата натпреварувачката сезона

Делчевските кик-боксери со пет медали ја започнаа новата натпреварувачката сезона
Делчево, 23 февруари 2021 (МИА) - Делчевските кик-боксери со пет медали ја започнаа новата натпреварувачката сезона. На последно одржаното Државно првенство викендот, еден златен медал освои Кик-боксинг клубот „Тигар“, додека младите кик-боксери од клубот „АС“ од Делчево освоија четири медали.
За тренерот на кик-боксинг клубот „АС“, Љупчо Стојчевски ова е голем успех, ако се има предвид дека поради пандемијата тренинзите во клубот се сведени на минимум.
- Во услови на пандемија кога спортската сала е затворена од оправдани причини, Кик боксинг клубот „АС“ од Делчево, тренира во ООУ „Св.Климент Охридски“, каде нашите спортисти индивидуално се подготвуваа за настапите. И покрај недоволната подготвеност, на Државното првенство кое на 21 февруари 2021 година се одржа во Скопје, освоивме 1 златен, 1 сребрен и 2 бронзени медали, што е голем успех за нашиот клуб, рече Стојчевски.
Како што додаде, медали освоиле тројца стандардни натпреварувачи и еден дебитант.
- Златен медал освои Павел Стојчевски во категоријата за постари кадет во кик лајт за натпреварувачи до 52 килограми. Со сребрен медал се закити Дилан Ивановски, кој се натпреваруваше во категорија „јуниор“ во дисциплина кик-лајт (+47 кг), додека двата бронзени медали се за Андреј Митков, категорија помлад кадет, дисциплина кик-лајт за кик-боксери под 32 килограми и дебитантот Марија Николовска во категорија помлад кадет, дисциплина кик-лајт за натпреварувачи над 47 килограми, додаде Стојчевски кој освен во улога на тренерот на кик-боксинг клубот АС, на Државното првенство ја имаше и улогата на шеф на судиите на борилиште (татами).
Освен младите кик-боксери, на Државното првенство со златен медал се закити и натпреварувачот од кик-боксинг клубот Тигар, Климент Николовски кој златото го освои во дисциплината „лоу-кик“. вс/зс/

Остани поврзан