Делчевската библиотека ги награди најдобрите читатели-мажи
- Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево ја објави топ 5 листата на најчитатели-мажи која библиотеката ја прави четврта година по ред.

Делчево, 15 септември 2023 (МИА) – Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево ја објави топ 5 листата на најчитатели-мажи која библиотеката ја прави четврта година по ред. На листата како што истакна директорката на библиотеката Биљана Петровска се најдоа читатели – мажи на различна возраст, коишто читаат секаков вид на литература.
- Се работи за читатели кои редовно доаѓаат во библиотеката и навреме ги враќаат книгите. На петто место се најде Бојан Димитровски, потоа следува Филип Стоименов како четвртопласиран, третото место му припадна на Мартин Стоименов, додека како втор на оваа листа е Сашо Златковски. Врвот на листата и првото место му припадна на нашиот читател Драги Миленски. Честитки за сите, нека бидат и понатаму наши редовни читатели, рече Петровска.
Ваквата пракса на доделување на гради за најдобрите читатели како што додаде ќе продолжи и понатаму.
- И понатаму оваа листа на топ пет најчитатели – мажи во ЈЛБ „Илинден“ нека биде поттик и инспирација што поголем број мажи да читаат книги, затоа што и понатаму по бројот на изнајмени книги, водат припадничките на понежниот пол, додаде Петровска.
Претходно делчевската библиотека додели награди и за најредовни и читателки со најмногу прочитани книги. вс/ир
Фото: МИА