• сабота, 06 декември 2025

Делчево со свечености одбележа 81 година од ослободувањето на градот

Делчево со свечености одбележа 81 година од ослободувањето на градот

Делчево, 7 септември 2025 (МИА) - Во празнична атмосфера, Делчево денеска го одбележува 81 години од своето ослободување. Пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот, цвеќе положија делегација од Општина Делчево, претставници на институции, политички партии и здруженија на граѓани, оддавајќи почит на борците од делчевскиот крај кои ги положија своите животи во Народноослободителната војна.

Во рамките на одбележувањето во реферат подготвен од КУД ,,Гоце Делчев" Делчево бе споменати и двата клучни датума за македонската современа историја – 7 септември 1944 година и 8 септември 1991 година – кои го симболизираат стремежот кон слобода, независност и создавање подобра иднина.

Претходно на свеченост организирана синоќа од Општината, градоначалникот на Делчево Горан Трајковски потенцираше дека „7 Септември" претставува датум со длабоко значење за делчевци, ден кога градот се потсетува на храброста, пожртвуваноста и визијата на оние кои се бореле за слобода. 

Истакна дека оваа годишнина не е само повод за сеќавање на минатото, туку и за преземање одговорност кон иднината, градење услови за достоинствен живот и развој на современо Делчево.

Во рамките на свечената програма, беа презентирани реализираните проекти во осумгодишниот мандат на Трајковски  и беа доделени општинските награди и признанија по повод празникот 7 Септември – Денот на ослободувањето на Делчево.

Плакети добија спортисти, културни работници, институции, компании, поединци и соработници од земјава и странство, кои со својата работа и поддршка придонесуваат за развој на градот и афирмација на неговите вредности.

Свеченоста заврши со концерт на Битолскиот камерен оркестар и настапите на уметниците Ристо Самарџиев, Дани, Тамара Тодевска и Антониа Гиговска. вс/вг/


Фото: МИА

Остани поврзан