Делегација на ИВЗ во посета на Дебарското муфтиство
- Делегација на централната комисија на Ријасетот на Исламската верска заедница, предводена од директорот на верско-образовниот сектор Фејзула Садики вчера вечер беше во посета на дебарското муфтиство.

Дебар, 11 март 2025 (МИА) - Делегација на централната комисија на Ријасетот на Исламската верска заедница, предводена од директорот на верско-образовниот сектор Фејзула Садики вчера вечер беше во посета на дебарското муфтиство.
- На ифтарска трпеза делегацијата ја пречека муфтијата Решат Качалнику со својот административен персонал. Муфтијата изрази благодарност до Реис ул Улема Шаќир ефенди Фетаи за неговата континуирана заложба секогаш да биде блиску до верниците, а особено за време на Светиот месец Рамазан, информираше дебарското муфтиство.
Делегацијата ги пренесе рамазанските пораки и честитките на ефенди Фетаи до верниците и преку посета на повеќе џамии во градот и во неколку населени места на молитвата по ифтарот.
- По завршувањето на активностите во џамиите, директорот на верско-просветниот сектор, воедно и претседател на централната комисија, во име на Реисул Улема Шаќир ефенди Фетаи во свое лично име и во име на членовите на делегацијата му се заблагодари на муфтијата Качалнику и неговите колеги за топлото и благородно гостопримство, се додава во објавата.
Дебарското муфтиство ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуша.
Во рамки на муфтиството има над 50 џамии, кои во Светиот месец Рамазан се масовно посетени и поради фактот што повозрасните жители, кои се со своите деца во странство, но по традиција за време на постот и празникот Рамазан Бајрам престојуваат во родните места. вт/мд/
Фото: Дебарско муфтиство