• среда, 27 ноември 2024

Дела на Златко Крстевски изложени во Полска и Франција

Дела на Златко Крстевски изложени во Полска и Франција

Прилеп, 28 септември 2022 (МИА) - Две дела, масло на платно на прилепскиот уметник и стрип-мајстор Златко Крстевски се изложени во познатата полска галерија ИМО, при регионалниот музеј во Стари Сонч, во близина на Краков.

Делата кои се масло на платно во поголем формат, инспирирани од подкарпатскиот предел, се од 16-тиот меѓународен сликарски симпозиум на кој учествуваше и Крстевски.

Куратор на поставката е Евелина Вишневска од културниот центар „Ади Сари“.

Како што вели Крстевски, изложбата беше отворена пред реномирани уметници, професори на академии од Шпанија, Франција, Србија, Украина, Полска, Словачка, Унгарија, Романија и од познатата школа во Баја Маре.

- Стари Сонч во Полска е познато туристичко место, каде е и музејот на папата Јован Павле Втори и е родно место на познатата оперска дива Ади Сари. Според неофицијални разговори, местото е посетено од македонска делегација пред неколку години, од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, објаснува Крстевски.

На отворањето на изложбата уметниците ги поздрави и градоначалникот на Стари Сонч, Јацек Лелек.

Паралелно, десетина оригинали на Крстевски се изложени на 41. Интернационален салон на сатиричен цртеж и современ стрип „Десан де Прес во Сен Жаст Ле Мартел во Франција. Интернационалниот салон се одржува од 24 септември до 2 октомври под покровителство на Министерството за култура на Франција. ем/ар/

Остани поврзан