• четврток, 26 декември 2024

„Декамерон“ вечер во Драмскиот театар, во рамките на фестивалот „РУТА“

„Декамерон“ вечер во Драмскиот театар, во рамките на фестивалот „РУТА“

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Претставата „Декамерон“ ќе биде изведена вечерва на сцената на Драмскиот театар во Скопје, во рамките на фестивалот „РУТА“. Главниот мотив на претставата, како што изјави на денешната прес-конференција режисерот Дејан Пројковски, е потрагата на човекот по неговата лична слобода.

Улогите ги толкуваат Милош Пејовиќ. Сања Крстовиќ, Омар Бајрамспахиќ, Вања Јовиќевиќ, Душан Ковачевиќ, Маја Вукојевиќ – Цветковиќ, Павле Поповиќ, Евгенија Станковиќ, Уна Лучиќ, Стефан Вуковиќ, Драгана Јовановиќ, Лара Драговиќ и Драгиша Вељковиќ. Драматург е Стеван Копривиц.

-„Декамерон“ уште во периодот кога го пишувал Бокачо, зборува за периодот на големата чума во Фиренца. Според тоа, појдовната точка како мотивација за нас беше да се направи една претстава преку која ќе се создаде паралела со изминатите неколку години, поточно со времето на короната и со затвореноста. Се обидовме да навлеземе во светот на Декамерон и на Бокачо, каде што всушност главната тема е човековата слобода, поточно личната слобода. Самиот човек е стегнат од мрачните, општествените и религиски норми, рече Пројковски.

Тој потенцираше дека главниот мотив во претставата е обидот на човекот на биде слободен. Ликовите во претставата го бараат одговорот на  личната слобода преку духовити и апсурдни ситуации.

-Постојат многу работи кои што човек не ги бира на денот на своето раѓање, туку тие некако доаѓаат како наследство од семејството, средината и општеството. Всушност, периодот на Декамерон, на Бокачо и воопшто во уметноста, е кога човекот се обидува да биде слободен, барајќи ја личната слобода и тоа беше мотив за нашата претстава. Всушност, постои една група на луѓе кои додека трае чумата се затворени во едно место и се изолирани, при што почнуваат да раскажуваат приказни, да разигруваат. Преку тоа разигрување, се обидуваат да ја редефинираат смислата на нивното постоење и барајќи го одговорот на личната слобода преку навистина духовити и апсурдни ситуации, рече Пројковски.

Драматургот Стеван Копривица на прес-конференцијата рече дека имал одлична соработка со Дејан Пројковски и со ансамблот, а самата претстава има комедиски привид, но со сериозно значење.

-Интересот на публиката, но и на културната јавност која имаше можност да ја види претставата за време на премиерата во Ниш е голем и засега навистина афирмативен. Во следните денови ќе има премиера и во Подгорица. Се надеваме дека ќе имаме можност да ја играме претставата и во регионот. Претставата има сериозно значење во смисла на ограничување на човечката слобода, посочи Копривица.

Актерот Душан Ковачевиќ посочи дека искуството и талентот кое го имаат и режисерот и драматургот е драгоцено.

-Уште од самиот почеток знаев дека со тандемот Дејан и Стеван ќе се создаде квалитетен производ. Во тоа немав сомнеж затоа што и двајцата многу пати се докажаа дека кога ќе почнат да работат на нешто, па дури и тоа нешто привидно да изгледа невозможно во продукциска смисла, сепак нивното искуство и талентот што го носат со себе е навистина драгоцено и е сместено во оваа претстава, рече Ковачевиќ на прес-конференцијата.

Актерот Милош Пејовиќ потенцираше дека соработката со режисерот била интензивна, со оглед на тоа што немале многу време за подготовка. Уште на почетокот, како што рече на прес-конференцијата, самата претстава е едно интензивно доживување.

Актерката Сања Крстовиќ на прес-конференцијата напомена дека уште на самите подготовки за претставата можеше да се забележи размена на нови енерги, нови начини на работа и на нови видувања.

Претставата е копродукција на Градско позориште Подгорица, Народно позориште Ниш и Барски љетопис.бт/са/

Фото/МИА

Остани поврзан