• среда, 25 декември 2024

Дезинфекција на возилата и редуциран возен ред и за приватните превозници во Скопје

Дезинфекција на возилата и редуциран возен ред и за приватните превозници во Скопје
Скопје, 11 март 2020 (МИА) - Град Скопје прати допис до сите претставници на приватните превозници кои се вклучени во јавниот градски сообраќај за интензивирање на активностите за чистење и дезинфикација на нивните возила, како и за потребата за редуцирање на возниот ред кај приватните превозници. Дописот, како што информираат од Градот е пратен по денешните средби на претставници на градската администрација со претставници на приватните превозници приклучени во јавниот градски превоз на кои, како што велат, се дискутираше за потребните мерки кои траба да се спроведат согласно актуелната состојба со коронавирусот и препораките од надлежните институции за превенција и заштита од вирусот. -На средбата присутните беа информирани за превземените мерки на ЈСП-Скопје, каде деновиве возилата интензивно се дезинфицирааат со распрскување на соодветни средства на база на алкохол и Дезинтал 10%, а се врши и рачна дезинфекција на одделни делови од возилото, како што се ракодржачите и слично. Секое возило се третира со дополнителната дезинфекција еднаш, пред вклучување на линијата или потоа, во зависност од динамиката и распоредот на сообраќање во јавниот превоз, прецизираат од Градот. Како дополнителна мерка, додаваат, од утре автобусите на јавниот превоз ќе сообраќаат според редуциран возен ред, идентичен на возниот ред што важи за време на зимскиот, односно летниот училишен распуст. -Редуцираниот возен ред се воведува согласно со актуелната состојба со корона вирусот, намалениот број на корисници на јавниот превоз и како една од мерките и препораките за превенција од ширење на вирусот. Редуцираниот возен ред ќе важи во наредните две недели, односно до наредните препораки од надлежните институции, посочуваат од Градот. вј/скс/    

Остани поврзан