• понеделник, 23 декември 2024

Девет повредени во обидот за воен преврат во Боливија

Девет повредени во обидот за воен преврат во Боливија

Ла Паз, 27 јуни 2024 (МИА) - Девет лица се повредени во спречениот воен удар во Боливија, објави денеска владата.

Боливиската војска вчера го окупираше плоштадот пред владината палата во Ла Паз со оклопни возила и се обиде да ги пробие вратите. Обидот за пуч заврши со апсење на наводниот водач на воениот удар, генерал Хуан Хозе Зунига, јави ДПА.

-Командантите на вооружените сили... не само што шират страв и ужас, туку употребија и огнено оружје против животот, човештвото и интегритетот на боливискиот народ, напиша министерот за внатрешни работи Едуардо Дел Кастиљо на „X“.

Првично не беше јасно дали меѓу повредените има и цивили.

Дел Кастиљо ги опиша уапсените поранешни началници на армијата и морнарицата, Зунига и вицеадмиралот Хуан Арнез Салвадор, како „криминалци“, објави весникот „Ел Дебер“.

Како наводни главни извршители на обидот за воен удар, двајцата мажи се обвинети за вооружен бунт против безбедноста и суверенитетот на земјата.

Се очекува денеска да се соочат со официјални обвиненија и судско рочиште.

Се истражуваа околностите за обидот за воен удар. Првичните извештаи велеа дека тоа можеби е предизвикано од можна обновена претседателска кандидатура на Ево Моралес, кој стана првиот домороден претседател на земјата во 2006 година. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан