• сабота, 23 ноември 2024

Дебата на НКЕУ-МК „Реформските идеи за прочистување на правосудството низ призма на постојните механизми“

Дебата на НКЕУ-МК „Реформските идеи за прочистување на правосудството низ призма на постојните механизми“
Скопје, 2 декември 2020 (МИА) - Извештаите за напредок на земјава укажуваат на определени подобрувања во правосудството, но реалноста сигнализира дека во оваа област потребно е да се продолжи со реформскиот процес во насока на институционално зајакнување во борбата против корупцијата и консолидација на институциите. Идејата за реформски процес преку „прочистување“ на судството станува сѐ поактуелна и со очекување дека преку неа би можеле да се остварат брзи промени во правосудството. Но, во врска со ова се поставуваат прашањата поврзани со методологијата на нејзиното реализирање т.е. прашање за временскиот период која таа ќе го опфати, критериум за избор на лицата и нивното доследно спроведување, инстанците кои тоа ќе го реализираат и други организациски прашања. За ова се дебатираше на денешната Втора сесија на Работната група 3 (Правосудство и основни права – Поглавје 23) од Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Реформските идеи за прочистување на правосудството низ призма на постојните механизми“, на која учествуваа експерти за темата од земјава и странство. Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека методологијата за прочистување или филтрирање на судството и обвинителството е во завршна фаза и наскоро ќе биде објавена, додавајќи дека целта на Владата е да даде фокус на реформите чија цел е да обезбедат владеење на правото, зајакнување на одговорноста, транспарентноста, независноста и етичноста во правосудството... -Во исчекување на стартот на преговорите потребно ни е да работиме со полна пареа на изградба на потребниот капацитет на правосудниот систем, за да го имплементира европското законодавство во сите поглавја. Со спроведувањето на суштински реформи во правосудството од изминатиот период, на чекор сме кон еден брз и ефикасен систем за обејктивна проверка на работата на судиите и на јавните обвинители, и враќање на довербата на јавноста во тој општествен сегмент кој подолги години е на едно незавидно ниво, рече Маричиќ. Посочи дека тоа се наоѓа и во програмата за работа на Министерството за правда, каде се посочуваат три клучни елементи - давање надлежност на мандатната комисија за борба против корупција да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Вториот е, посочи, спроведување детална проверка на работата на судиите и јавните обвинители, од страна на веќе постоечките одговорни тела - Судскиот совет и Советот на јавни обвинители согласно новите зкаони донесени во 2019, и паралелно со тоа зајакнување на кадровските капацитети и финансиската независност на правосудството, со етапно зголемување на буџетот за правосудство секоја година, се додека не се достигне во наредните три годни законското ниво на финансирање. -Министерството за правда е со став дека сите реформи од областа на правосудството и темелните права треба да се прават со поддршка на ЕУ исто така и со активен придонес на одговорните чинители и фактори во правосудсниот систем, истакна Маричиќ. Моделот за проверка на работата во судството, рече Маричиќ, што во моментов се разработува и од страна на чинителите Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и ние како Министерство разглкедувае повеќе идеи што би можеле да ги споделиме, треба да го оцени квалитетот на процесните дејствија на судиите и јавните обвинители за што треба да се дефинираат конкретни критериуми што ќе бидат земени предвид за работењето на овие битни органи, но и во делот на обвинителството. -Мислам дека веќе имаме доволно механизми. Ставот на Министерството е дека независноста и непристрасноста на судството треба да бидат постигнати исклучиво преку постоечките механизми, тела и законски решенија, и оттука по добивањето на критериумите за спроведување на процесот истите ќе бидат ставени на разгледување и одобрување на Советот за реформи во правосудството. Не ни е целта да формираме нови тела, комисии за прочистување, туку постоечките механизми да ги направиме ефикасни, функционални и ставени во еден определен временски план, додаде Маричиќ. Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европското движење истакна дека како што е познато, со Поглавјето 23 почнуваат и завршуваат преговорите, меѓутоа, посочи кластерскиот пристап во новата методологија, во која поглавјата се поврзани на функионален начин, треба да постигне поголема синхронизација во реформскиот процес, како и да ја зголеми политичката одговорност во поглед на постигнатите резултати. -Првиот кластер во кој припаѓаат Поглавјата 23 и 24, се надополнува со поглавјето што ќе обезбеди соодветен механизам за финансиска контрола, статистички алатки за следење на процесите и реформите и адекватна контрола на јавните набавки. Од успешноста на реформите во овој кластер ќе зависи успешноста и напредокот во сите други кластери. Целта е да се зајакне и да се направи функционална правната држава, рече Ѓуровска. Томаш Стражај, директор на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), рече дека и покрај фактот што Словачка е дел од ЕУ од 2004 година, се уште се соочува со значајни предизвици во поглед на независноста на судството, корупцијата, и останати прашања кои влијаат врз работата на судиите и на целиот систем. -Пред три години новинарот Јан Куцјак и неговата свршеница беа убиени во Словачка. Тоа беше убиство без преседан што доведе не само до смена на Владата, туку обелодени и некои врски меѓу политичката сфера и можам отворено да кажам, мафијата, и дел од правосудниот систем во Словачка. Во процес сме на избор на главен обвинител и има обид да се направи целиот правосуден систем да биде потранспарентен, со што луѓето во Словачка ќе можат да му веруваат на системот бидејќи неколку анкети покажаа дека кога е во прашање довербата во судиите, Словачка е на дното на ЕУ од сите 27 членки, рече Стражај. Павел Зилинчик, член на Судскиот совет во Словачка и член на канцеларијата на Јавниот правобранител на Чешка, рече дека мислењето на словачката јавност за работата на правосудството е исклучително негативно години наназад. -Довербата е клучниот елемент во правниот систем. Меѓутоа перцепцијата на јавноста во Словачка за правосудството е исклучително негативна. Словачка втора година по ред е речиси на дното по ова прашање. Довербата на јавноста во правосудството е помала од 27 проценти, и тоа не е добро. Ситуацијата е дури и полоша ако погледнеме од гледна точка на компаниите и бизнисите, тие сметаат дека словачкиот систем е со најмала доверба во ЕУ, рече Зилинчик. Според него, ова рангирање можело да биде и полошо, дел и како последица на истрагата за убиството на новинарот Јан Куцјак и неговата свршеница, што ги извади на виделина проблемите со политичката корупција. Посочи дека судскиот интегритет во Словачка се евалуира на повеќе начини, преку анкетен лист за имотната состојба, регуларна евалуација на работата на судиите, квалитетот на нивното судење и носење пресуди, со што се овозможува најдобрите да одат погоре во судскиот систем, со обидите да се прочисти судството од оние кои се корумпирани и кои имаат сомнителни врски со криминални групи. Тоа, посочи, таму го нарекуваат и проверка на минатото и давање еден вид безбедносен сертификат. Никола Тупанчевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, смета дека терминиот „прочистување“ не е најсоодветен. Вели дека сега треба да прави дисктинкција меѓу „добрите“ и „лошите“ во правосудниот систем, со она што во моментов како законски пропис го имаме, и со постојните тела. -Министерството за правда вети дека во првите сто дена ќе биде изградена одредена методологија, односно дека ќе биде започнато прочистувањето на правосудството, пред се се мисли на јавните обвинители, и на судиите во Македонија. Така што остануваат уште две недели за некаква реорганизација да се почне барем иницијално со она што беше ветено. Македонија на легислативен план може да се пофали, но не смее во однос на својата хармонизација да не го исполни она што е најново, тоа е новиот Закон за јавно обвинителство што стапи во сила на 30 јуни. Претходно, да не заборавиме беше донесен Законот за судски совет, во тој пакет на нови прописи беше и антикорупцискиот закон. Така што еден пакет како основа за реформи е овој. Но, што се случи - во Законот за јавно обвинителство беше назначено дека освен законот, ќе бидат исполнети и други подзаконски акти. Тоа беше обврска во рок од 60 дена од стапувањето во сила на законот за ЈО. Досега мораше да бидат донесени подзаконските акти, рече Тупанчевски на дебатата. На дебатата говореа и Киро Здравев, претседател на Судски совет во Северна Македонија, Софка Пејовска Дојчиновска, заменик претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата, Тодор Витларов, виш јавен обвинител, претседател на здружение на јавните обвинители во Северна Македонија, Натали Петровска, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“, Оља Ристова, судија во Основен Кривичен Суд Скопје... нд/дма/        

Остани поврзан