• среда, 27 ноември 2024

Дебата: Борбата против дезинформации бара добро координирана и целосен пристап од општеството

Дебата: Борбата против дезинформации бара добро координирана и целосен пристап од општеството

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) - Дезинформациите, особено електронските дезинформации се шират и никој не е имун. Тие се закана во пораст за нашите општества. Борбата против дезинформации бара добро координиран и целосен пристап од општеството и партнерство меѓу државните институции, медиумите и граѓанското општество. Ова е заклучокот на панелистите од денешната конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, организирана од Претседателскиот центар за политичко образование во соработка со Фондацијата „Метаморфозис“.  

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на Конференцијата истакна дека за долгорочна отпорност на македонското општество клучно е образованието, посочувајќи дека во образовниот систем мораме да вклучиме содржини што се однесуваат на медиумската писменост, но и на политичкото образование во духот на демократските вредности во редовниот образовен систем.

Пендаровски потенцира дека Претседателскиот центар за политичко образование веќе започна една таква иницијатива во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Фондацијата за демократија на Вестминстер од Велика Британија и токму утре ќе биде промовирана публикацијата со јасни насоки и препораки за имплементација на политиките во овој сегмент.

- Нашата држава, за жал, е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив. Она што претставува предност на демократските општества во нормални околности, за жал, е најголема потенцијална слабост во услови на внатрешна и надворешна поларизација. Македонското мултикултурно општество опстојува единствено врз основа на компромиси и подготвеноста на граѓаните да бараат и прифаќаат компромиси. Нашата демократска транзиција е далеку од завршена, а за тоа најдобар доказ се бројните истражувања на јавното мислење кои покажуваат дека значаен процент од македонските граѓани се приврзаници на т.н. систем на „цврста рака“ во донесувањето на одлуки и поддржуваат авторитарни модели на владеење како наводен рецепт за прогрес на државата. Нашата борба со корупцијата се уште е повеќе присутна во политичките декларации отколку во реалноста, а корумпираните политичари се секогаш најмалку резистентни кон малигните влијанија или поради желбата за „лесни пари“ или поради тоа што се уценети, а најчесто и поради двете, рече Пендаровски.

Тој оцени дека следен чекор е транспарентност во работата на органите на власта, потенцирајќи дека секое затскривање зад превезот на т.н. државни интереси е неоправдано. Според него, сите информации, освен оние од безбедносен карактер, треба да и бидат достапни на јавноста затоа што, како што рече, вистината е најдоброто оружје против дезинформациите и лагите.

Според холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп, потребна е општествена отпорност на дезинформациите, која, како што рече, бара и национални насоки, соодветно однесување и законска регулатива.

- Треба да бидеме свесни дека не можеме да ставиме крај на странските или домашните актери да шират дезинформации, меѓутоа проверката на фактите е многу важна, но ако се фокусираме само на проверка на информацијата и дебанкинг, секогаш заостануваме еден чекор. Потребна е општествена отпорност на дезинформациите. Тоа бара и национални насоки, соодветно однесување и законска регулатива. Со критичко размислување и промена на менталитетот е многу важно, луѓето не треба слепо да веруваат она што го гледаат, што го читаат или слушаат, рече Коп.

Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“ смета дека сите заедно треба да се ангажираме, да работиме, да најдеме решение и да ги намалиме штетите од дезинформациските кампањи.

- Дезинформациите се многу сериозен проблем, но тоа не е проблем само на медиумите и не е само недостаток на професионално новинарство. Станува збор за безбедносен проблем и како таков треба да се третира. Сметам дека сите заедно треба да се ангажираме, да работиме, да најдеме решение и да ги намалиме штетите од дезинформациските кампањи, рече Јашари.

Александар Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и советник на претседателот на државата, нагласи дека најефикасна борба со дезинформациите и со пропагандата е доколку самото општество биде подготвено да препознае што е манипулација, вистина, лага, ширење предрасуда, ширење стереотипи, а што е легитимна дебата околу нашите разлики во демократското општество.

Тој посочи дека општествата и институциите секогаш треба да се адаптираат на новите предизвици кои што следуваат. фф/сп/

Фото: МИА и Фондација „Метаморфозис“

Остани поврзан