• четврток, 02 април 2026

Две нови интервентни процедури на Гастроентерохепатологија, ќе се овозможи попрецизна дијагностика и помал период на хоспитализација

Две нови интервентни процедури на Гастроентерохепатологија, ќе се овозможи попрецизна дијагностика и помал период на хоспитализација

Скопје, 1 април 2026 (МИА) -  Апликација на ендоскопски стент под контрола на ендосонографија (LAMS) првпат во државава денеска е извршена во обновениот ендоскопски кабинет на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија. Утре, како што најавија од Клиниката, ќе се изврши спајглас холангиоскопијата. Станува збор за две нови интервентни процедури на Клиниката, со кои ќе се овозможи попрецизна дијагностиката и помал период на хоспитализација.

Директорката на Клиниката, проф. д-р Мери Трајковска, во изјава за медиумите додека се аплицира ендоскопски стент под контрола на ендосонографија (LAMS), рече дека во спроведувањето на методите имаат поддршка од проф. д-р Петко Караѓозов, професор по гастроентерохепатологија во Клиничката болница „Аџибадем (Tокуда)“ во Софија. 

Доктор Владимир Андреевски од Клиниката за гастроентерохепатологија изјави дека кај нив од пред две години се работи директна перорална холангиоскопија, но таа метода има повеќекратни предности, особено во делот на детекција и правилно дијагностицирање на пациентите што имаат стенози на жолчните канали на билијарното стебло кај кои постои висок ризик добар дел од нив да е малиген.

Праксата и статистиката, појасни тој, покажува дека од 20 до 25 отсто се недетерминирани и таквите пациенти може да бидат пропуштени, односно да бидат ненавремено упатени на Хирургија.

- Спајглас холангиоскопијата, која ќе ја почнеме утре, ќе ни овозможи да ја прецизираме дијагностиката и на тој начин да им ја олесниме работата на колегите од дигестивна хирургија со хистопатолошки верифицирани холангиоцелуларни карциноми да ги прифаќаат пациентите за оперативен третман. Во делот на ендосонографија и денешното пласирање на LAMS првпат во Македонија има повеќекратни предности. Според статистиката, во САД еден хируршки третман, хируршка дренажа на ваква псевдоциста на панкреас и некроза, во просек чини од 15.000 до 25.000 долари со хоспитализација, лапароскопски кога е правена во период во просек од шест дена. Ова што денеска се воведе подразбира трошоци во САД од 7.000 до 9.000 долари и хоспитализација од два дена. Разликата е драстична - рече доктор Андреевски.

Проф. д-р Петко Караѓозов изјави дека со примена на двете нови техники се укинува долгиот престој во болница и тешкото закрепнување на пациентите и нивно брзо заминување дома.

Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека ова е дел од напорите на Фондот за поддршка на воведување нови методи, кои ќе бидат помалку инвазивни и ќе бараат помалку денови болнички третман.

- За поздравување е што на Клиниката за гастроентерохепатологија се обезбедуваат нови методи, кои ќе се работат на ова ниво,- додаде Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, директорката Трајковска рече дека имаат многу пациенти, 40 во општа амбуланта и уште најмалку 100 во другите амбуланти.

- Имаме две одделенија, кои се секогаш преполни. Имаме околу 45 кревети, кои не се доволни за пациентите што доаѓаат бидејќи ние хоспитализираме само тешки пациенти од цела Македонија заедно со ГОБ „8 Септември“ - додаде проф. д-р Трајковска. рп/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан