• среда, 27 ноември 2024

Два случаја на вирусот Марбург во Гана, 90 лица во карантин

Два случаја на вирусот Марбург во Гана, 90 лица во карантин
Акра, 18 јули 2022 (МИА) - Во Гана се откриени два случаја на вирусот Марбург, хеморагична треска смртоносна колку и еболата. Овие случаи се првите во земјата, соопштија здравствените власти. По сомнение за зараза со вирусот Марбург, на 8 јули се земени примероци крв од две лица во регионот Ашанти. „Ова е првпат Гана да потврди присустно на Марбург вирусот“, се наведува во соопштението на Патрик Кума Абоажје, директор на здравствената служба на Гана. Сега во карантин се 90 лица, идентификувани како контакти на заразените. Засега, нема заразен меѓу некој од нив. Здравствените власти тврдат дека прават сè за да го „заштитат здравјето на населението“. Тие ги повикаа „сите“ на соработка, со цел вирусот „успешно да се спречи“. Вирусот го пренесуваат лилјаци, а меѓу луѓето се шири со директен контакт со телесни течности на заразени или со површини и материјали, појасни Светската здравствена организација. Во други делови на Африка, досега се откриени епидемии и спорадични случаи,  во Јужна Африка, Ангола, Кенија, Уганда, Демократска Република Конго. Симптомите се појавуваат неочекувано - висока температура, силна главоболка и слабост. Смртната стапка во претходните епидемии беше од 24 до 88 отсто, во зависност од патогеноста на видот и управувањето со кризата, наведува СЗО. Иако не постојат вакцина и одобрени антивирусни лекови, оралната и интравенската рехидратација и лекување на специфични симптоми ја зголемуваат стапката на преживување. бд/зш/

Остани поврзан