• среда, 25 декември 2024

Дваесет и осум семејства од Виница добија станови во новата социјална зграда

Дваесет и осум семејства од Виница добија станови во новата социјална зграда

Виница, 21 јуни 2023 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска на 28 семејства од општина Виница им ги доделија клучевите од становите во новата социјална зграда.

На примопредавањето, премиерот Ковачевски нагласи дека ова е прв објект за сместување на социјално загрозени семејства во Виница, за чија изградба се инвестирани над 75 милиони денари од буџетот на Министерството за транспорт и врски. Објектот има три ламели со станови со површина од 36 до 50 квадратни метри, како и две деловни простории од по 60 квадратни метри.

- Владата е посветена да реализира проекти од животна важност, проекти со кои правиме разлика во секојдневието на нашите граѓани и промоција на пристапот до еднакви права за сите. Затоа, за оваа година во буџетот на Министерството за труд и социјална политика обезбедивме 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги. Од 2017 година до денес се доделени социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод и Пробиштип. Веќе се завршени социјалните станови во Неготино и Велес, а во тек се финалните градби во Дебар, Бутел и Кочани, истакна Ковачевски.

Министерот Бочварски посочи дека во изминатите шест години се изградени над 860 социјални станови, што, според него, е најголем успех во станбената политика во целата држава, а така ќе се продолжи и во наредниот период.

- Имаме голема и силна офанзива во изградбата на социјалните станбени згради низ целата држава. Следна распределба на социјални станови ќе имаме во Свети Николе, потоа во Неготино, Гевгелија и Демир Капија, каде што зградите се веќе готови. Продолжува довршувањето на станбената зграда во Велес, во Бутел, а една од следните инвестиции на Акционерското друштво, преку Владата, ќе биде изградбата на новите социјални станбени згради во Штип, Прилеп и Сарај. Со тоа сметам дека овие реални политики, што даваат можност за подобар и поквалитетен живот на нашите граѓани, ги даваат резултатите, рече Бочварски.

Министерот додаде дека распределбата на становите се прави преку транспарентна постапка, достапна за сите граѓани, во која учествуваат повеќе служби од центрите за социјална работи и од Министерствата за труд и социјална политика и за транспорт и врски. та/бак/

фото: МИА

Остани поврзан