• сабота, 23 ноември 2024

Да продолжат разговорите со Бугарија, процесот да заврши со старт на преговорите за членство, порачуваат европските дипломати во земјава

Да продолжат разговорите со Бугарија, процесот да заврши со старт на преговорите за членство, порачуваат европските дипломати во земјава
Скопје, 19 јануари 2021 (МИА) - Шефовите на дипломатските мисии на земјите-членки на ЕУ во земјава предводени од евроамбасадорот Дејвид Гир, денеска, на редовниот годишен состанок со премиерот Зоран Заев, покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел. На состанокот, како што соопшти Владата, беше истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побрзо да продолжи и да заврши со старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ. Премиерот Заев истакна дека за нас е важно да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка. Членството на Северна Македонија во ЕУ, повтори Заев, нема алтернатива. -Истовремено остануваме цврсто определени за одредени прашања, кои се наши црвени линии, како што е македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за нив не преговараме, додаде премиерот. Тој информираше за актуелните и најважните активности од нашиот евроинтеграциски процес. Заев пред амбасадорите детално го образложи континуитетот на тековните реформски процеси, особено во делот на правосудството, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација. За време на дебатата, претседателот на Владата ја поздрави поддршката за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија Вирџинија Пина, при што додаде дека е многу важен ставот на португалското претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи се првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година. Премиерот Заев ги сподели и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија, кој ќе мобилизира финансирање до девет милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува. Заев на состанокот изрази благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против КОВИД-19 и изрази очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата. -Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома, рече премиерот Заев на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја што денеска се одржа во Владата на Република Северна Македонија. мч/мд/

Остани поврзан