• среда, 26 март 2025

Данска: Посетата на американска делегација на Гренланд е „неприфатлив притисок“ (ДПЛ)

Данска: Посетата на американска делегација на Гренланд е „неприфатлив притисок“ (ДПЛ)

Копенхаген, 25 март 2025 (МИА) - Претстојната посета на американска делегација на Гренланд, во која ќе биде и советникот за национална безбедност, претставува „неприфатлив притисок“ врз Кралството Данска, чиј дел е и оваа автономна арктичка територија, изјави данската премиерка Мете Фредериксен.

- Не можеме да организираме приватни посети со официјални претставници на друга земја, изјави Фредериксен. - Притисокот врз Гренланд и Данска во оваа ситуација е неприфатлив и ќе му се спротивставиме, додаде таа.

На Гренланд во тек е формирање на нова влада по изборите одржани на 11 март.

Во објава на Фејсбук, досегашната влада соопшти дека „нема да испрати никакви покани за посети – ниту приватни, ниту официјални“.
„Актуелната влада е преодна, додека се формира нова коалиција, и побаравме сите држави да го почитуваат овој процес“, се наведува во соопштението.

Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц ќе го посети Гренланд оваа недела, заедно со министерот за енергетика Крис Рајт.

Во делегацијата ќе биде и Уша Ванс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, која ќе присуствува на натпревар со санки со кучиња во градот Сисимиут.

- Кога организирате ваква посета, а лидерите на Гренланд велат дека не ја сакаат, тоа не е знак на почит, заклучи Фредериксен. ссм/

фото: архива

Остани поврзан