Г7 РРМ: Кремљ ги користи РТ и СДА за поларизација и слабеење на општествата
- Рускиот државен медиум РТ (поранешен „Раша тудеј“) и ИТ компанијата „Агенција за социјален дизајн“ (СДА) со лажни тактики ги поларизираат и слабеат општествата во интерес на Кремљ, соопшти Механизмот за брз одговор на Г7 (Г7 РРМ).
Брисел, 17 јануари 2024 (МИА) - Рускиот државен медиум РТ (поранешен „Раша тудеј“) и ИТ компанијата „Агенција за социјален дизајн“ (СДА) со лажни тактики ги поларизираат и слабеат општествата во интерес на Кремљ, соопшти Механизмот за брз одговор на Г7 (Г7 РРМ).
Механизмот посочува дека неодамнешните соопштенија на САД, Велика Британија и Канада разоткриваат оти Кремљ ги финансира и насочува „тајните напори“ на овие два субјекти за поткопување на општествата, преку ширење глобални дезинформации и кампањи за влијание.
- РТ и СДА користат лажни тактики, со цел да ги искористат социјалните и политичките прашања за поларизирање и слабеење на општествата, за поткопување и делегитимирање на избраните влади и за унапредување на злонамерните интереси на Кремљ, се нагласува во соопштението.
Според Г7 РРМ, овие активности вклучуваат одвлекување на вниманието од извршените злосторства и хуманитарни кризи предизвикани од руската агресивна војна против Украина.
- Г7 РРМ со најголема сериозност гледа на секое странско мешање и манипулација со информациите. Членките на Г7 РРМ ќе продолжат да ги расветлуваат овие злонамерни активности, кои може да вклучуваат и непријателски кибер акции поддржани од државата, психолошки и информативни операции и тајно влијание, се нагласува во соопштението.
Г7 РРМ посочува дека од своето основање се фокусира на спротивставување на дезинформациите спонзорирани од странска држава и на промовирање на отпорноста на општествата против странското мешање и манипулацијата со информации и спротивставувањето на овие злонамерни активности
Покрај членките на Г7 – Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада, САД и Франција во активностите на Механизмот како набљудувачи се вклучени и Австралија, Нов Зеланд, Холандија, Шведска, како и НАТО. сп/
Фото: МИА Архива